Многу прилепчани на едно место: Се отварал важен објект (Историска фотографија)

Фотографијава ја враќа историјата 50, па и повеќе години назад при означувањето на почетокот на работа на старото пристаниште на меѓуградските автобуси во центарот на градот.

Исечокот од минатото сведочи дека новиот објект во вид на голема барака со чекалница, пултови за издавање билети, простори за одмор на возачите па и ресторан, биле славна работна победа на тогашната фирма која стопанисувала со автобусите во Прилеп и во чија надлежност била и автобуската станица.

Луѓето сметале дека автобусите пристојно ќе запираат, а патниците уште полесно ќе слегуваат или ќе се качуваат.

Времињата се променија. Стандардите на услугите се поткачија нагоре. Автобуската веќе има ново, модерно руво. Сопствениците веќе не се мачат. Го одржуваат транспортот на патници со автобуси или сега повеќе со минибуси или поголеми комбиња со силната нелојална конкуренција.

Како и да е, реализиран е квалитетен интегрален проект за превоз, транспортен центар за автобуси и возови, со деловно – трговски комплекс, кај поранешниот противпожарен дом.

Ставен е крај на автобуската станица в центар, која предизвикуваше сообраќаен метеж и асоцираше само на разделби, а помалку на пријатни средби.

Во 2014 година во Прилеп беше изградена нова автобуска станица, современа и со сите потребни услови, па така се растерети сообраќајот во централното градско подрачје.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.