„МЛЕКО 2022“ – настан во Прилеп кој ги слави малите семејни фарми, домашните раси на животни, млеко и сирења

„МЛЕКО 2022“ е еднодневен настан кој оваа година ќе се одржи на 03 септември 2022 година во Прилеп под мотото “Како да се „бие“ млекото?“, а во организација на „Слоу Фуд Прилеп“ со поддршка од националната организација „Слоу Фуд Македонија“.

Биенален настан, посветен на автохтоните млекодајни раси на домашни животни и млечни производи произведувани на семејните фарми, бачила, мандри и мали производства, чии претходни изданија се однесуваа на заборавените автохтони млечни производи (Скопје 2014), пасиштата и регулативите (Битола 2016), расите на млекодајни животни и козарството (Скопје 2018).

Овогодинешното четврто издание има за цел преку примерот на автентичното биено сирење кое ја отсликува нашата традиција и историја, да отвори дебата за важните прашања околу иднината на нашето сточарство и млекарство.

На манифестацијата ќе присуствуваат сточари, млекари, мандраџии, експерти, претставници на институции, студенти и активисти од здруженија и сите оние што сакаат да им се слушне гласот, да презентираат и да уживаат во веселата дружба и во различноста на вкусовите. Програмата на „МЛЕКО 2022“ ќе понуди изложба и пазар на сирења и други производи од преку 25 производители, панел дискусии, изложби, детско едукативно катче, културно-уметничка програма.

Настанот е можност да им се даде видливост на младите млекари, малите семејни сточарски фарми и нивните се повеќе уникатни сирења и млечни производи.

Придонесот на Слоу Фуд во повторното „откривање“ на секторот преку проширување на видиците за можностите кои постојат, варијантите на сирења кои може да се направат, трендовите на пазарот и побарувачката од потрошувачите е од големо значење во промоцијата на различните региони, зачувувањето на традиционалните, но и надоградување на техниките за производство и зачувувањето на животната средина. Ајде заедно да размислиме и одговориме на прашањето како да се „бие“ млекото денес, со сите предизвици кои не пресретнаа. Како да се произведе вистинско сирење со препознатлив вкус, а тоа да биде исплатливо и достапно за секого?

Во сабота на 3 септември, паркот околу градскиот часовник во Прилеп ќе нуди повеќе од сенка и клупи за одмор затоа бидете таму, на „зборното“ место. Заедно ќе „направиме“ МЛЕКО за паметење!

Настанот се реализира со поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Прилеп, како и со придонес на нашите спонзори и поддржувачи: „Концепт продукција“, „Евро стил“, “Горска вода“ и пекара „Маја“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.