Хит во македонскиот фудбал, посебно оној младинскиот, оваа пролет се младинците на ФК Победа.
Генерацијата фудбалери родени 2003-та година, со неколкумина и помлади – родени 2004 и 2005 година, едноставно гази се’ пред себе. Бројките сами по себе зборуваат за фантастичката пролет на генерацијата која ја предводи тренерот Филип Мирчески, во соработка со координаторот на младинската школа на Победа, Кирил Овезоски и тренерот Илин Ѓорѓиевски.
Младите црвено-бели оваа полусезона одиграа 11 натпревари на кои остварија 10 победи, и тоа сите десет по ред откако одиграа 0:0 на снежното невреме со Вардар, а сето тоа со импресивна гол разлика 43-4. Уште поимпресивен е фактот дека на последните 5 натпревари нашите јуниори забележаа 5 победи без примен гол, а постигнаа дури 26.
Фантастична генерација фудбалери, која претставува блескава иднина за прилепскиот фудбал. Растеа тивко и ненаметливо од година во година, созреваа и оваа година се наметнаа како екипа која несомнено игра најубав и резултатски најефективен фудбал во својата конкуренција.
До крајот на сезоната во Младинската лига остануваат уште 5 кола, а за разлика од конкурентите Победа има да одигра еден меч повеќе.
Моментално по 21-то коло младинците на Победа го делат првото место со Вардар со по 49 бодови, но до крајот треба да гостуваат токму кај Вардар, кај Шкендија и кај Македонија Ѓорче Петров, а во Прилеп ќе ги пречекаат Работнички и Њу Старс.