Со свечена академија доцна синоќа, Младинското драмско студио „Чин 4 Сцена 5“ при ЦК ,,Марко Цепенков“ во киното Мис Стон, одбележа 10 години од основањето. Иницијативата за формирање на ДС била крунисана со премиерата на првата театарска претстава „Женско Царство“, во режија на актерот Милан Секулоски.
„Изминатите 10 години Драмското студио театар „Чин 4 Сцена 5“ имаше 60 премиери на театарски претстави, во кои играа над 700 млади личности од градот, Ресен, Битола, Крушево, Македонски Брод…, а претставите ги гледаше публика од над 100 000 лица. Од ДС произлегоа многу успешни прилепчани – актери, режисери, композитори, правници, доктори, водители, кинематографи…. Драмското студио стана репер за успешна приказна кога станува збор за аматерски театар и веќе 10 години им пркоси на сите дилетантски обиди за разнебитување на зборот аматер – вљубеник во театарот. Работи само и само со една цел – театарско описменување и културна наобразба на прилепчани, и создавање на „стручна“ публика, кога станува збор за театарот“, посочија од ДС.
„Вечерва сме присутни да ја честитаме 10 годишнината од ДС, навистина за овие десет години имаат излезено многу таленти, му честитам за нивната креативност, за големиот број на претстави кои ги имаат прикажано пред прилепската публика и се надевам дека и понатаму со Локалната самоуправа ќе имаме одлична соработка“, посочи градоначланикот Марјан Ристески во својата изјава.
На академијата беа доделени и благодарници за сите кои низ годините го поддржувале работењето и визијата на „Чин 4 Сцена 5“. При тоа беа соопштени и резултатите од конкурсот за избор на најдобар драмски текст, кој беше распишан пред три месеци.
За крајот на оваа полусезона ДС театар „Чин 4 Сцена 5“ најавува дека ќе биде обновена првата претстава, „Женско Царство“, со премиера на почетокот на месец април и премиерата на „Лет во место“ од Горан Стефановски, на крајот на месецот април.