Млади виолинисти што ја носат иднината на музиката

Во пресрет на 11. издание на “Виолин фест – фестивал”, посветен на класичната музика и развојот на младите гудачи – на 12 мај во Офицерскиот дом во Битола се одржа концерт на кој настапија ученици од музичките училишта од Битола, Прилеп и Охрид.

Фестивалот е под уметничко и организациско раководство на познатиот македонски виолинист Владимир Костов, роден во Битола, кој веќе единаесет години стои зад оваа визија – да се создаде платформа што ги открива, поттикнува и поврзува младите виолинисти од Македонија и од светот.

Концертот во Битола беше емотивен омаж на младоста и уметноста – со изведби полни со страст, дисциплина и љубов кон музиката. Публиката имаше ретка можност да ужива во чистата енергија на млади музичари кои со својата искреност и храброст ја претставија виолината во нејзината најавтентична форма.

Претходно, во просториите на Државното музичко училиште – Битола, се одржа и јавен час, на кој учениците имаа можност да работат директно со Владимир Костов и да добијат вредни насоки и мотивација од врвен уметник и педагог.

Посебна благодарност до наставниците и менторите од:

• Државното музичко училиште – Битола • ООМУ „Методи Патче“ – Охрид

• ООМУ,,Ордан Михајлоски-Оцка” – Прилеп како и до пијанистката Доминика Робе Поповска, која со својата корепетиција создаде музички баланс и поддршка на секој настап на младите виолинисти.

Главниот фестивалски концерт на Виолин фест 2025 ќе се одржи на 9 јуни во Камерната сала на Филхармонијата во Скопје, каде повторно ќе се слави звукот на виолината. Проектот е поддржан од Министерството за култура.

Фотографија: Емилија Трајковска




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.