Мицкоски: Премногу е, дојдете на општонароден протест за промени на 18-ти јуни (Видео)

Живееме во време кога нормалниот живот станува луксуз. За повеќе од нормалното не може ни да се помисли во време кога живеачката станува сè поскапа, а семејниот буџет сè потенок. Ќе кажат кризата е увезена, но неспособноста на тие кои ја водат земјата е автентична, затоа и инфлацијата е двоцифрeна, затоа струјата е поскапена, затоа половина милион луѓе живеат во сиромаштија во нашата земја, и 90 илјади луѓе и овој месец работеа, но не земаа плата, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Неговото обраќање го пренесуваме во продолжение:

Неважни се бројките со кои се фали Владата кога сè погласен е крикот на оние кои не можaт да си ја платат струјата, на оние за кои маслото за јадење станува луксуз, скапите бензини недостапни, трпезите празни, а иднината за која сме сонувале – недостапна.

И продолжувањето по таа патека значи сигурна пропаст без можност за поправка, точка од која нема враќање, губење на Македонија и која така веќе ја има сè помалку. И сигурно ви е позната максимата дека како што е сега, никогаш не било порано, но секој еден човек на нашата Македонија длабоко во себе знае дека се доближуваме до точката која доколку се продолжи со истото, навистина нема да има поправка ниту промена за иднината за која сонуваме, ја заслужуваме, и за која се бориме.

Не постои ниту најмала надеж дека со оваа Влада може да биде барем нешто подобро, тие се веќе во шестата година од своето владеење кое донесе живот на национална катастрофа, во секое поле, во секој сегмент.

Пет години на загубена надеж, на изневерени очекувања, разочарувања и национални предавства. И ова што го констатираме не е простодушна партиска порака, туку човечко обраќање на човекот до вас, кој ви се обраќа вам, слободните луѓе на нашата Македонија.

Ова обраќање е во име на ВМРО-ДПМНЕ, но во својата суштина е надпартиско, обединувачко, неполитичко, со чиста емоција, јасна порака која треба да ечи дека дојде часот, дека молкот во овие времиња не е опција, дека е премногу, а границите на разумот се надминати.

Премногу е затоа што со оваа Влада животот вреди најмалку, премногу е од несреќи во кои загубените животи се само статистика, без одговорност од кој било, било да е Ласкарци, модуларната болница во Тетово, или автобуската несреќа во Бугарија.

Премногу е затоа што 10.000 наши пријатели, нечии браќа и сестри, роднини, познаници, соседи го загубија животот поради короната. Премногу е затоа што здравствениот систем не е во распаѓање, туку е распаднат.

Премногу е поради неплатената мака на земјоделците, чесните работници, поради плачот на мајките кои се делат од своите чеда што одат по белиот свет, поради неправедно осудените, упропастените судбини, поради животот во кој љубовта кон нашата Македонија се претставува за грев, и тоа од страна на оние кои нема светост по која не посегнаа, нема идентитетско прашање кое не го проблематизираа.

И со секој ден сè подалеку од ЕУ, сè повеќе криминал, корупција и тендери. Дојдоа со голема надеж и ветувања за напредок кон ЕУ, наместо тоа нема европска вредност која не ја погазија, а испорачаа рекет, договори во четири очи, фабрики со марихуани. И кога ќе ви кажат можат подобро, тие можат само полошо.

И затоа велиме во еден глас ПРЕМНОГУ Е. Време е за промени. А, промената сме сите ние, секој од нас ја носи силата на промените, слободна индивидуа со свој став, своја верба, надеж за иднината која мора да ја донесеме.

Сега е тоа време кога треба да се застане на вистинската страна, и да се заборават сите поделби помали од заедничката цел тоа е Македонија, иднина, и надеж за добар живот. Тие се подготвени на сè само за да ја задржат власта која ја гледаат само низ призма на привилегии, но нивната подготвеност не е поголема од нашата решителност и борба за преземање на контрола над нашите животи и извлекување на нашата Македонија од катастрофата во која сè подлабоко навлегува.

Ова се историски времиња, да не ја пропуштиме оваа шанса за вистинска пресвртница и спас на државата од сигурна пропаст. Постојат такви моменти кога е потребна одлучност и непоколеблива борба за вредностите во кои верувате. Постојат такви времиња кога е важно, вистински важно на која страна сте биле.

Замислете ако не беа комитите, и Илинденската епопеја, зарем ќе се изродеа партизаните кои ја продолжија битката на своите предци. Ако не беше тогаш решителноста на АСНОМ, ќе се дојдеше ли до независна Македонија? Ако не беше тој 8-ми Септември и силината на народот и неговата свесност, ќе имавме ли своја држава? Одговорите ги знаете. Како што сега знаеме дека не смееме да ја пропуштиме оваа шанса за спас на Македонија и победа на вредностите во кои веруваме и иднината што ја заслужуваме.

Повикуваме на обединување, здружување на секоја иднивидуа, машко и женско, христијани, муслимани, атеисти, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати, ова е твоја битка за нашата Македонија, за твојата и иднината на твоите деца. И кога каузата и влогот се големи, тоа значи дека нема да биде нити брза, ниту лесна таа битка, но нашата цел е праведна и со сигурност можеме да кажеме дека ќе победиме, ќе победиме заедно, силно, за големи чекори напред, за иднина која е светла, напредна, и која носи сигурност. Затоа ќе се излие таа енергија низ улиците, маалата, градовите и селата.

Почетокот на крајот вели дека тргнуваме за рушење на владата која е именител на сите наши колективни порази и неуспеси.

Стануваме на нозе, еден до друг, заедно, против владата затоа што ПРЕМНОГУ Е! ПРОТЕСТОТ Е ЗА ПРОМЕНИ.

Заедно, здружено, одлучно, за нашата Македонија.

Ве поканувам, почетокот на протестот за промени започнува 18.06.2022 во 20 часот, пред Влада на Република Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.