Има ли некој кој верува дека денес е Македонија на прав пат? Дупката во буџетот постојано се поместува, од 1 милијарда и 200 милиони евра за која Заев збореше до пред некој ден, вчера велат дека стана 2 милијарди па ќе слушнете и 3 милијарди евра. Јас сум сериозно загрижен дека државава е пред прагот на најголемата економска криза од нејзиното осамостојување до денес, изјави денеска на прес-конференција Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој додаде:
„Светот е сериозно погоден од здравствена криза, но Македонија има уште еден голем проблем повеќе, тоа е економската криза. И не се знае што е полошо во вакви моменти, пандемијата со корона или неспособноста, бавноста и неодлучноста на Владата да се справи со економската криза. А кризата значи беспарица, отпуштања, руинирана економија, голема сиромаштија.“
-Три години предупредував за лошите индикатори во економијата. Бев оквалификуван како популист, како човек кој залутал во политиката и не знае економија, па ќе се дрзне еден неуспешен премиер дури да дели часови по економија. Со исмевање гледаа на оние кои укажуваа дека ни се случува крах и слепа улица потоа. А денес, веќе ниту со медиумска поддршка не можат да ја сокрија рецесијата и кризата која ни се удира од глава, и ни велат треба да стиснеме заби, потенцираше Мицкоски и посочи:
„Тие се причинителите, ама сите ние треба да живееме со последиците на нивното незнаење. Целта на оваа прес конференција не е трката по политички поени. Податоците до кој дојдов го вклучуваат црвениот аларм. Државата и економијата се лизга од раце. Постојано сум во комуникација со бизнис фелата, со професори, економисти, стопанственици. Без исклучок велат дека состојбите се алармантни.“
-И ова не го говорам од политички и политикански побуди, туку фактографски со бројки. А тие се немилосрдни. Таа дупка која што тврдат дека е 1 милијарда и 200 милиони евра не е случајно направена. Она што владата нема да го признае, а сега јасно се гледа од податоците, е дека ние сме биле во сериозна финансиска криза дури и пред почетокот на кризата со корона вирусот. Тоа е така затоа што Владата целиот буџет недомаќински го концентрирала кон слевање на пари за изборен поткуп за изборите кој беа димензионирани во месец април. Поради партиски интереси се пристапило кон кревање на расходите во буџетот, без за тоа да има покритие. Се креваа плати за да се корумпираат целни групи, се делеле бонуси, повишоци, вработувања на државна сметка, енормно се зголемува бројот на договорни вработувања, а нема за жал раст кој што сето тоа може да го издржи и да го покрие. Поради изборите и изборниот поткуп, што би рекол народот ги пуштиле нозете многу повеќе од тоа што ни е долга чергата, рече Мицкоски и подвлече:
„За првите два месеци е направен буџетски дефицит, замислете од цели 70 милиони евра. Во месец јануари милијарда и 200 милиони денари, додека пак во месец февруари таа бројка надминува 3 милијарди денари или околу 50тина милиони евра. Значи потрошиле 50тина милиони евра повеќе отколку што собрале во буџетот. За тоа време направено е ново задолжување од 250 милиони евра и ли некаде околу 15 милијарди денари. За волја на вистината околу 9 ипол милијарди се обврски кои што треба да сервисираат евро обврзница издадена во минатото, но, затоа пак останатите 4 милијарди 300 милиони денари се практично обврски кои што ги создала оваа влада во месеците јануари и февруари и таа мала ликвидност која што постоела во буџетот ја потрошиле предизборно со една цел а тоа е обид за поткуп на различни целни групи.“
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не се мислело за до крајот на годината, бидејќи изборите им биле пред и над се.
„Ова не го зборувам затоа што сакам да водам политиканство туку едноставно сите оние кои што следат и пратат економија можат Извештајот за реализација на Буџетот во месеците јануари и февруари да го најдат на страницата на министерството за финансии. Недомаќинското работење доведе до лоша кондиција на буџетот. И таа е уште полоша со финансиската криза предизвикана од корона пандемијата. Да преминам на суштината и најважното за денес. Во ваква една ситуација видливо е дека владата нема стратегија, ниту одржлив план. И не е ова време кога политички треба да се пресметуваме или докажуваме. На народот му е преку глава од обвинувања и политиканство, на народот му треба сигурност и здравје. Да е сигурен дека се има план и му требаат луѓе на кои што може да им верува.“
-Како лидер на ВМРО-ДПМНЕ за мене е јасно дека на владата и треба помош, исто како и на државата. И јас подавам рака за да помогнам. И сум силно убеден дека она што го предлагаме и овие предлози кои ги нудиме е излезот од оваа криза. Затоа подготвен сум ако треба да дојдам во влада и да ги образложам, да ги одбранам решенијата, да споредиме и да се извлечеме од оваа криза, а да го аплицираме она што е најдобро за Македонија и за нејзини граѓани. Еве го начинот на кој што владата може да дојде до 1 милијарда 200 милиони евра без кратење на плати, удирање по бизнисот и работниците. И тоа ќе го соопштам во три чекори, посочи Мицкоски и додаде:
„Покрај веќе она задолжување кое што како процедура е отпочнато, а владата бара 400 милиони евра како заемобанките и заемодавателите и останати околу 200 милиони од ММФ и Светската банка која што доколку успешно се реализираат средствата би биле достапни за бизнисот и за граѓаните некаде во првата половина на месец мај. Вториот чекор кој што всушност треба да биде и прв чекор е веднаш благајничките записиа кои што стерелизираат од прилика 25 милијарди и 200 милиони денари средства ликвидност на банките во Народната банка веднаш да бидат откажани за месеците кои што следат и наместо тие благајнички записи да бидат запишани државни хартии од вредност кои што ќе ги издаде министерството за финансии и ќе имаат рок од еден месец и така секој месец тие ќе се обновуваат и продолжуваат.“
-Вториот чекор кој што го нудиме а голем број европски држави, пред се тука мислам на Балтичките држави кои што во времето на финансиската криза во 2008 и 2009 година, потоа државите од Централна Европа, како што е Полска, Унгарија го направија во услови на криза а тоа е средствата кои што беа уплаќани во вториот задолжителен приватен пензиски фонд со уредба на владата да бидат пренаменети и наместо во вториот задолжителен приватен пензиски фонд да бидат од први април да бидат уплаќани во државниот задолжителен пензиски фонд. На тој начин ќе се обезбедат дополнителни 10 милијарди денари кои што ќе гарантираат стабилна, сигурна и навремена исплата на пензиите на пензионерите. Еве начин како да обезбедиме дополнителни 35, 36 милијарди денари заедно со оние 600 милиони евра кои што веќе тргнавме во потрага во обезбедување во Светот, ќе значи сигурно, надежно и безбедно пребродување на оваа пред се здравствена, а потоа и економска криза, кажа Мицкоски и подвлече:
„Тоа е планот 1 милијарда и 200 милиони евра кои што веднаш владата може да го реализира. Повторувам веднаш без одлагање, бидејќи свесни сме и ние и сведоци сме дека се што во минатото ВМРО-ДПМНЕ и јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ предложивме беше на прво одбиено, за да 15 – 20 дена потоа беше аплицирано, за жал задоцнето и ефектите од таквата апликација изостанаа. Затоа стојам овде и ве предупредувам, аплицирајте го ова за веднаш да излеземе од оваа финансиска криза. Благајничките записи заменете ги со државни хартии од вредност и оние средства кои што требаа да се уплаќаат во вториот задолжителен приватен пензиски фонд да бидат со уредба со сила на закон на владата пренаменети во средства кои што ќе се уплаќаат во првиот задолжителен државен пензиски фонд.“
Мицкоски упати и три пораки:
Првата е до неспособните министри во владата на СДСМ, немојте да кревате паника, немојте да ја плашите администрацијата, затоа што ефектите од тој страв кој што вештачки и артифицијално го наметнувате дека ќе немало средства за плата на администрацијата, може да доведе до паника, а паниката може да предизвика несогледливи, негативни ефекти врз нашата македонска економија. Доколку вие не сте како карактери подготвени да се справите и да работите под притисок, напуштете ги местата и оставете им на луѓе кои што се подготвени да работат под притисок и знаат како да се справат со предизвиците.
Втората порака е кон администрацијата, сите оние кои што ве убедуваат дека урамниловката е решение, јас стојам пред вас и ви велам, не тоа не е решение. Се консултирав и со мојот стратешки соработник професорот Хозе Караско кој што предава на кралскиот универзитет во Мадрид Шпанија и споделивме искуства. Таков случај воопшто не постои, ниту во Европа, ниту во Светото. Но, сакам да бидам искрен како што впрочем секогаш сум бил искрен со вас, кратење мора да има, тоа кратење во месец март според нашите анализи ќе биде до 10проценти, а потоа од месец за месец ќе го анализираме и врз основа на тие анализи ќе носиме заклучоци и ќе предлагаме до владата. Но ве уверувам сето она кое денеска заеднички ќе го скратиме ќе ви биде во подобри времиња вратено. Верувајте затоа што ВМРО-ДПМНЕ, јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ имам единствена цел сите заеднички да ја победиме оваа пандемија, а потоа сите заеднички да ја победиме економската криза и да излеземе сите заедно сплотени и обединети како победници од целата работа.
Трета работа која што исто така сакам да ја упатам до пензионерите, а тоа е доколку се аплицира овој предлог кој што ВМРО-ДПМНЕ го предлага и тие 10 милијарди денари кои што беа предвидени да се слеат во вториот задолжителен приватен пензиски столб, се слеат во првиот задолжителен државен пензиски столб ќе има пензија за сите. Ќе има пензија навреме без доцнење и во времето на кризата.
-Конечно на крај сакам да упатам порака до бизнисот и сакам да упатам порака до владата. Ви ја подавам оваа рака за да седнеме и да разговараме. Едно е битката да се санираат последиците од пандемијата но и од економската криза, а онаа позначајната и поважната битка е како во услови на ваква пандемија и како во услови на ваква економска криза да го раздвижиме стопанството да може да создава производ, да може да создава додадена вредност за да ја одржиме економијата онолку колку што можеме за да веднаш после првиот ден откако ќе престане оваа криза и здравствена и финансиска го достигнеме максимумот и зошто да не и повеќе од тој максимум. Она што како ВМРО-ДПМНЕ во периодот планираме да го спроведеме подготвени сме навремено да ја информираме и јавноста но и оние самобендисани министри во владата на Македонија, заклучи Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.