-Во овие моменти ВМРО ДПМНЕ води убедливо. Но ова ќе биде тешка и голема битка. Не смее самоувереноста во победа да не удри во глава. Ниту пак славата. Секој глас за ВМРО-ДПМНЕ е важен. Секој човек за ВМРО е важен. Сакаме да докажеме дека сме помудри за грешките од минатото, и не само тоа туку дека целосно го имаме обновено нашиот круг и нашите вредности. И ќе биде подобро, за тоа јас ве уверувам. Многумина не ме познаваат добро и сигурно имаат дилеми. Но знам дека Заев го знаете многу добро, а јас не сум таков. И фала на Бога што не сме исти, и таа разлика која на Македонија ќе и донесе надеж и обнова јас ве уверувам дека ќе биде подобро. Имаме и сила и знаење и мора да го дадеме максимумот. Мора да биде ова победа со огромна разлика. Да го убедиме народот во нашиот потенцијал и капацитет. Знаете, постојат моменти во кои едноставно мораш да се исправиш! Без разлика на се, без оглед на предизвиците и ризиците. Животот со свиткана кичма не е живот. Човекот е создаден како слободно битие. Да се биде исправен е природна положба на човекот. Понижувањата кои ни се наметнати не носат ништо добро. Ние заслужуваме достоинство! – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната Конвенција на која се претставени кандидатите за пратеници од редовите на оваа партија и нејзините коалициони партнери.
Мицкоски нагласи дека животот без правда е неправда.
Неправдата го разјадува ткивото, ги руши системите, го ослабува редот и поредокот. Македонците се борат за своите правдини! Правдата е во нашиот ген. И правдата е можна и остварлива, таа е на дофат – посочи лидерот на најголемата опозициона партија.
Тој вели дека луѓето на Македонија се добри луѓе, домаќини, еснафи, вредни и достоинствени. Колку повеќе удари примаме, толку посилни стануваме.
Секој понекогаш паѓа, но борбата е после ударот да станеш, да се исправиш. Искушенијата се дел од природното право, дел се и од Божјото. Исто и предизвиците. Ние сме свесни за тоа, и не бегаме од нив, ние смело им приоѓаме бидејќи сме сигурни во својата сила, во својот карактер, бидејќи знаеме како предизвиците да ги надминеме, и знаеме како да победуваме! Неуспехот за нас не е опција. Оваа генерација Македонци од сите вери и нации е горд наследник на илинденската и асномската епопеја – додаде Мицкоски.
Битката за македонскиот ген, вели Мицкоски, е битка која никогаш не завршува.
Ние знаеме што е жртва, дека таа нема степен, и дека завршува со чест и со име! Битката за македонскиот ген е битка која што никогаш не завршува. Ние сме свесни за наметнатата реалност која воопшто не е пријатна, но исто така сме свесни дека нашата генерација ја доби важната историска улога да биде чувар на македонскиот оган. За огнот да гори, за идејата да живее, за Македонија да се зборува, и тоа да се зборува гласно. Ние знаеме дека треба да ја пренесеме идејата за Македонија на нашите ќерки и синови, исто како што нам ни ја пренеле нашите татковци и мајки. Македонија е бесконечност, линија со подеми а некогаш и со падови, но на крај секогаш со победи. И сега повторно мириса на победа! – нагласи Мицкоски.