Во текот на вчерашниот ден ВМРО-ДПМНЕ имаше редовна седница на Извршниот комитет и една од точките на која што опсежно и долготрајно се разговараше беше темата за пописот на населението во Македонија, истакна денес Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:
Она кое што беше заклучено после долгата и опсежна дискусија е следното, имено попис е потребно да има, но тоа е потребно да биде статистичка операција, а не политичка операција каква што се подготвува од страна на владејачкото мнозинство.
Попис е потребно да има за да можеме благовремено, навремено да го планираме развојот на економијата, образованието, здравството, земјоделието итн. Затоа што не е сеедно да пресметувате БДП од 11 милијарди евра на политички консензуален договор на население од два милиони жители и резидентно реално население од 1.5, 1.6, 1.7 милиони жители. Зошто? Затоа што тоа директно влијае врз кредитниот рејтинг на државата, а кредитниот рејтинг на државата директно удира по џебот на граѓаните, бидејќи задолжувањето кое што понатаму граѓаните полнејќи го буџетот го враќаат може да биде значително поголемо доколку статистичката операција попис е практично политичка операција каква што планира да спроведе владејачкото мнозинство.
Попис како статистичка операција се прави откако претходно ќе се постигне национален, општествен и политички консензус. Што во овој случај изостана бидејќи во рамките на парламентарната комисиска расправа опозицијата предложи 40-тина амандмани и можете да претпоставите македонска јавност дека ниту еден од тие 40 амандмани не беше прифатен од страна на владејачкото мнозинство туку директорот на ДЗС беше благо укорен од претседавачот на Комисијата, немој да се мешаш затоа што се е веќе договорено.
Поради КОВИД пандемијата ќе наведам неколку држави многу поразвиени од Македонија кои што веќе го одложија пописот. Имено, Германија пописот планиран за 2021 година го одложи за мај 2022 година. Шкотска пописот планиран за 2021 година го одложи за март 2022 година. Ирска пописот планиран за 2021 година го одложи за април 2022 година.
Неколку примери од соседството Романија пописот планиран во 2021 година поради КОВИД пандемијата го одложи за јуни 2022 година. Соседна Србија за октомври 2021 година, Бугарија исто така. А, во план е и Хрватска да го одложи пописот поради КОВИД пандемијата и се разбира ужасната несреќа, природна непогода која што се случи поради земјотресите во областа на градот Петриња, и така натаму има уште многу примери за кои што би можел сега да дискутирам. Но, да не ја оптеретувам оваа прес конференција. Да заклучам станува збор за многу поразвиени држави од нашата но и држави од соседството кои што поради неможноста да се спроведе оваа статистичка операција истата ја одложија за една година.
Доколку оваа операција не е политичка тогаш ВМРО-ДПМНЕ бара одговор на следниве прашања:
Попишувањето е предвидено без покажување на било каков доказ и лична идентификација, да биде завршено со едноставно диктирање на матичниот број. Дали може да се случи едно лице да диктира повеќе матични броеви, без притоа да покаже соодветен доказ дека тие во моментов се резиденти односно се наоѓаат на територијата на Република Македонија?
Понатаму, она кое што е важно да се напомене е фактот дека постои се уште институтот, политички двоен потпис. Зошто е потребен политички двоен потпис ако навистина станува збор за статистичка операција и нека наведат уште неколку такви примери властодршците, каде се спроведува на овој начин попис?
Понатаму, велат попишаните матични броеви ќе бидат вкрстени со базите на податоци. Со кои бази на податоци? До овој момент, ниту една база на податоци не и е позната на македонската јавност, која што ќе биде користена.
Понатаму, ќе се спроведува попис според методологија која што се уште официјално не е излезена во Службен весник, а денеска на дневен ред, во рамките на Парламентот се наоѓа Законот за попис, кој што претпоставувам ќе биде усвоен без претходно да биде позната методологијата по која што ќе се попишуваат граѓаните, и така натаму.
Има уште многу аргументи, кој што во следните три дена, пратениците од опозицијата, во рамките на парламентарната дебата ќе ги рефлектираат на собраниската говорница. А, зошто велиме три дена? Бидејќи, повторно, на сцената стапува дивеењето на владејачкото мнозинство и се злоупотребува европското знаменце, а се злоупотребува затоа што јасно е дека не е статистичка операција. Кријат, се плашат од јавна дебата, туку и истата ја претворија во политичка операција.
Затоа, ВМРО-ДПМНЕ даде неколку конструктивни предлози од кои што, предлогот за попишување со помош на терминали за отчитување на отисокот од прст, е оној кој што може да гарантира навистина статистичка операција за попишување на резидентното население, кој што во овој момент се наоѓа во Македонија. А, не политичка операција каква што на сила се подготвува да спроведе владејачкото мнозинство.
Уште една небулоза беше рефлектирана од страна на власта изминатиов период. Ако ме прашате, која небулоза? Тогаш одговорот е јасен. Дека со терминалите за отчитување на отисок од прстот, ќе биле дополнително потрошени средства и тоа било дополнителен трошок. Што е, навистина, една огромна лага. Бидејќи, согласно измените во Изборниот законик, кој што ги гласаа сите политички партии, вклучително и партиите кои што се денес дел од владејачкото мнозинство, на следните локални избори, предвидено е граѓаните, своето гласачко право да го изразат токму користејќи ги овие терминали, за читање на отисок на прст. Така што, истите тие терминали можат да бидат искористени и за оваа статистичка операција наречена попис.
Имаме повторно лаги, спинови и извртување на вистината.
Тоа е она кое што го бараше ВМРО-ДПМНЕ. Затоа да заклучам, ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница на Извршниот комитет, го донесе следниот заклучок:
Веднаш, владејачкото мнозинство да го повлече Законот за попис од собраниската дебата и да организира внатрепартиска и внатре државна дебата на целата територија на Република Македонија.
Да ги обедини сите политички чинители, сите општествени фактори, за да може да дојдеме до консензуално решение, како треба да изгледа оваа статистичка операција на попис.
Доколку тоа не се случи, после очигледната злоупотреба на европското знаменце, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира заедно со граѓаните и ќе поднесе иницијатива до подрачните единици на Министерството за правда, за собирање на потписи за предлог закон кој што ќе биде доставен во Собранието, за поништување на овој закон кој што по насилен пат, планира парламентарното мнозинство да го донесе.
И за ова ги повикуваме сите граѓани без разлика на нивната политичка припадност или неприпадност без разлика на нивната етничка и верска припадност да ни се приклучат и придружат затоа што на Македонија и е потребен попис кој што ќе даде одговор на статистичките дилеми а не повторно попис кој што ќе биде политички и попис кој што нема да даде одговор на прашањата кои што ја засегаат македонската јавност.
Повторувам ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе отпочне иницијатива на собирање потписи во министерството за правда и како резултат на тоа собирање на потписи и таа иницијатива ќе доставиме предлог закон во Собранието со кој што ќе предвидиме поништување на овој закон кој што по насилен пат се подготвува владејачкото мнозинство да го донесе и за ова повикуваме на масовна мобилизација.
Доколку и покрај тоа и овој предлог закон одлучи владејачкото мнозинство да го игнорира и да ја игнорира волјата на илјадници десетици би рекол стотици илјади македонски граѓани тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите од овој попис нема намера да ги признае и идните раководители на институции кои што ќе бидат избрани како предлог на ВМРО-ДПМНЕ резултатите од овој попис немаат намера да ги почитуваат.
Затоа апелираме на разум апелираме на државотворност и апелираме на консензус општествен и политички пред било што да се дрзнат да направат од владејачкото мнозинство.