Пијанистката Ема Попивода ќе одржи концертна турнеа низ неколку градови во Република Македонија, претставувајќи го својот концертен проект „Македонски ноктурна“.
На програмата ќе се изведат композиции базирани на македонски народни песни од македонскиот композиторот Димитрије Бужаровски, кои се преработени во класичен стил со примеси на џез, импресионизам, експресионизам итн.
Иако композициите се напишани во пијанистичкиот стил на Шопен и Лист, музиката сепак е разбирлива и лесно прифатлива за слушање за публиката поради препознатливите теми од македонските народни песни: Зајди зајди, Дали паметиш Милице, Калеш Анѓа, Јовано јованке, Не си го продавај Кољо чифликот, Деспина, Море сокол пие, Шеќерна, Трнушко, итн.
За овој концерт е снимено и промотивно видео за композицијата „Зајди зајди“ кое стана вистинска сензација на YouTube каналот како и на другите социјални мрежи.
Концертот е изведуван и во Њујорк, Токио, Лондон, Рим, Будимпешта, Брисел, Гдањск, каде е високо оценет од тамошната музичка критика и за изведбата и за композициите.
По големиот успех на минатогодишниот концерт на Ема Попивода со Македонските ноктурна во Скопје во Музејот на современа уметност, со помош на Министерството за култура во рамките на „Нов културен бран“, овој ќе се изведе и во Охрид, Велес и Гостивар.