Милошоски: “Селотејп коалиција и нови сценарија”

“Селотејп коалиција!
Актуелната СЕЛОТЕЈП КОАЛИЦИЈА е составена од актери кои имаат големи програмски разлики, но ги држеше заедно проектот за редефинирање на Уставот како обврска која заеднички ја превзеле за да дојдат до власта.

Актуелната власт е фрагментирана коалиција, каде и во една иста партија различни поединци и групи се раскарани заради тоа што си бркаат свои лични бизнис приоритети и кариери, а власта не ја гледаат како можност за реализација на еден заеднички економски, образовен, социјален и реформски проект, бидејќи го немаат, туку власта ја гледаат како натпревар под мотото “сега му е мајката” во кој секој гледа да добие што повеќе позиции, повеќе тендери во пократко време, повеќе повластици од државата, повеќе влијание во обвинителството, повеќе “свои” судии, повеќе вработени роднини, и повеќе ресурси за газдите на медиумите кои им пишуваат “пофалби”.

Без овие СЕЛОТЕЈП ПРИВИЛЕГИИ, пари и интереси тешко би можеле да ги замислите во еден посериозен реформски концепт заедно еден до друг Данска Тевдовски и Кочо Анѓушев, Мира Дизел и Никола Димитров, Самка Ибраимовски и Радмила Шеќеринска, Павле Богоевски и Милкие Халими, Хазби Лика и Мухамед Зеќири, Амди Бајрам и Мила Царовска!
И сега откако го завршија проектот редефинирање на Уставот, а не постои заеднички концепт за реформи и напредок на државата, борбата за превласт во власта почна да го кине селотејпот на владината коалицијата.

Затоа сме сведоци на сегашниот коалициски курцшлус во владата, кој воопшто не е заради принципите за “селективна правда, мир и законитост” против политичарите од опозицијата, туку е резултат на борбата внатре во власта кој подолго ќе опстане на власт, и кој поитро ќе го исфрли “ближниот” свој надвор од привилегиите на власта.

Затоа воопшто не зачудуваат изјавите на претставниците на СДСМ дека размислуваат и за коалициона влада без ДУИ, веројатно според следнава математика:

СДСМ 49 + 2 ГРОМ + 3 БЕСА + 1 Амди + 1 Јусуф Турска + 8 Независни = 64 (со можност да се разговара и со Мендух Тачи за 2 пратеници на ДПА).

Ова е можно бидејќи целта е нова распределба на привилегиите од власта, а не нов заеднички концепт за реформи во државата на овие 64 пратеници.

Можеби за почеток ќе побараат и смена на Талат Џафери од првото столче во Собранието? Опозицијата истата со задоволство ќе ја поддржи.

Но, можеби Зоран Заев, Мухамед Зеќири, Павле Богоевски и Артан Груби само прават театар за народот за да си ја покријат неспособноста на владеењето?!”, напиша на Фејсбук пратеникот Антонио Милошоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.