Гордоста на прилепчани, фудбалскиот клуб Победа, на две кола пред крајот од прволигашката сезона испадна во понизок ранг на натпреварување, па во наредната сезона прилепчани одново ќе гледаат второлигашки фудбал.
На почетокот од фудбалската сезона 2018/2019, од црвено-белите се очекуваше многу, а се ветуваше уште повеќе. Актуелните градски власти пред доаѓањето на функција ветуваа европски фудбал во Прилеп и целосна реконструкција на стадионот “Гоце Делчев”.
Само 19 месеци подоцна, Победа е второлигаш, клубот цела сезона талкаше од град во град каде ги играше домашните дуели, а стадионот “Гоце Делчев” досега доби само конструкција за покрив на помалата трибина.
Пред извесно време и спонзорите ги предадоа акциите од клубот на општина Прилеп, па сега Победа е само во општински раце.
Актуелниот претседател на Советот на општина Прилеп, Миле Талески, минатата година кога Победа играше плеј аут меч за опстанок во најелитното фудбалско друштво, ги бодреше црвено-белите на трибините на стадионот во Струмица.
Една година подоцна фудбалот во Прилеп доживеа целосен крах, Победа остана без најистакнатите поединци, без плати, а го доживеа и највисокиот пораз од 9:1 против Ренова.
Се поставува прашањето, дали сегашните актуелни власти, ќе навиваат за Победа и наесен кога Победа ќе игра во Втора лига?