Медицинските работници не попуштаат – утре од 10 часот ќе излезат на протест пред болниците

Здравствените работници излегуваат на протест. Утре во 10 часот, за време на паузата, лекарите и другиот медицински персонал во координација со синдикатите ќе го изразат својот револт – велат дека целиот систем е во колапс, а се револтирани што власта со години ги игнорира нивните проблеми.

Синдикатот на Клинички центар, утре излегува на протест за време на паузата. Ова го најави д-р Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот.

„Донесовме одлука утре да излеземе на протест, за време на пауза, за да нема штета кон пациентите. Барањата ни остануваат, платите легнаа на сметка на клиниките, уште немаат земена 6-7 клиники. Се надевам дека и тие ќе ја земат платата до денеска“, изјави Серафимовски.

Од лекарската фела бараат покачување на платите на сите вработени во здравството и исплакаќање на регрес за годишен одмор. И велат дека крајно несериозно е да една држава да нема министер за здравство. Бараат итна средба со премиерот.

Гордана Димеска од извршниот одбор на Синдикатот на Клинички центар рече дека протестот е поради неколку барања.

„Бараме да се потпише Колективниот договор за кој преговаравме 3-4 месеци кој беше постигнат усмено, но не е потпишан. Друго барање е да бидеме социјален партнер, да влеземе во преговорите за новиот закон за системот за плати, затоа што во моментов ги става синдикатите во неповолна положба и ги ограничува нивните права. Со овој закон досега се минимизира учеството во синдикатот во платите и додатоците на плати“, изјави Димеска.
Лекарите бараат државата да покаже сериозност, велат дека со ваквиот однос ќе си заминат и оние малку добри лекари и сестри кои останаа во државното здравство.

Дел од лекарите иако се заканија со кривични пријави против одговорните во Фондот за здравствено осигурување, тие се пишманија. Образложение нема, иако беа револтирани од нефункционалноста на здравствениот систем и игнорантскиот однос од нивна страна.

Инаку, на протестот кој се организира за утре, ќе излезат вработените во речиси сите болници, не само во Скопје, туку и во останатите градови низ земјава.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.