Медали има, поддршка нема, а за сликање сме први – Вас поважен ви е тендер од децата од Прилеп кои одат на Олимпијади

Професорот по филозофија во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп, Рубин Матески, преку својот Фејсбук статус упати остра порака за односот на институциите кон учениците кои ја претставуваат државата на меѓународни олимпијади.

Во објавата, Матески реагира на, како што наведува, недоволната институционална поддршка за младите таленти, кои редовно освојуваат медали и ја претставуваат Македонија на највисоко ниво.

Во продолжение го пренесуваме неговиот статус во целост:

„Нема година а некој од нашите гимназијалци да не се натпреварува на некоја олимпијада и да не се врати со медал. И веднаш сите брзаат да се сликаат со нив. Но кога треба да се пратат таму …. Е тогаш ги оставаат сами да се сликаат. Министерството за образование не е надлежно. Општината нема пари за такви глупости. И кутрите деца генијалци и нивните ментори мора да питачат по општествено одговорните фирми. Барем патот да се плати. Господа, овие се децата кои можат државата да ја извадат на здрав пат. Ова е таа младина на која останува нашата иднина. Овие деца треба да земаат плати како министри и пратеници. Греота е што повеќе ве интересира тендер за осветлување од иднината на овие деца.“

Професорот во својата објава потенцира дека младите таленти и нивните ментори честопати се принудени сами да обезбедуваат средства за учество на натпревари, додека институциите, според него, покажуваат интерес дури по постигнатиот успех.

Неговата реакција доаѓа во период кога ученици од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ повторно бележат значајни резултати на национални и меѓународни натпревари, потврдувајќи го континуитетот на успеси што училиштето го негува со години.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.