Изминатиот викенд бевме во Битола. Го посетивме најновиот и најсовремениот локал во градот на конзулите, Pub Connect, сместен во новиот дел на градот во трговскиот центар Кеопс. Пријатен амбиент, одлична услуга, широка понуда на професионално подготвена и сервирана храна, беше првиот впечаток кој го довивме и беше причина да уживаме во ваквиот шаренолик мозаик. Pub Connect исто така располага со свој паркинг простор, нуди организирање на свечености, има своја кетеринг служба, а секој викенд можете да уживате во звуците на нивните музички гости. Искрено го препорачуваме ова место и сметаме дека е репер за тоа како треба да изгледа еден елитен кафе-ресторан, што би ги исполнувал условите за идеален помин. Луѓето од локалот беа љубезни и ни овозможија дружење и интервју со нивниот гостин на вечерта, мега популарната ѕвезда на естрадата, Миле Кузманоски. Го запрашавме за почетоците на неговата кариера, за новините кои ги приготвува, за настапите и идните планови.
Миле Кузманоски, добре дојдовте на страниците на маркукуле.мк, благодарни сме на прифаќањето на поканата да бидите наш гостин и среќни сме што можеме да ги информираме нашите читатели за вас.
Благодарам на поканата и покажаниот интерес.
Знаеме сите кој е Миле Кузманоски и која големина ја имаат неговите настапи насекаде низ Македонија, но не знаеме нешто друго. Како започна вашата кариера и кои се вашите први контакти со музиката?
Официјален старт на кариерата ми беше на Македонската Радио Телевизија далечната 1990 година, додека пак прв фестивал на кој настапив е “Валандово” со композицијата “Песна која боли”
Што ве натера да ја негувате македонската песна, да започните професионално да се бавите со музиката и да бидите секогаш причината за добра забава и прекрасен помин?
Одсекогаш го сакав пеењето, можеби тоа е причината да започнам професионална кариера и да се бавам со музика на повисоко ниво. Причината за одличното расположение кај публиката на моите настапи ја наоѓам пред се во тоа што уживам во работата и истата ја работам со огромна љубов.
Kолку долго сте на македонската естрада и кои свои успеси ги сметате за најголеми достигнувања?
Веќе 25 години опстојувам, работам, творам на Македонската музичка сцена. Следната година планираме со мојот тим овој јубилеј да го крунисаме со голем концерт во Скопје, а се надевам и по другите градови.
На сите ваши настапи конкретно во Прилеп и Битола се бара маса и карта повеќе. Што значи тоа за еден естраден уметник како вас, колку влијае таквото расположение на публиката на вашата мотивација и желба да им го пружите она што го бараат од вас?
Па се разбира дека исполнува душа сето тоа. За мене најголемиот и единствен стимул за работа можам да кажам дека е публиката. Се додека имаме љубов јас ќе постојам и ќе работам само за нив.
Со колку награди за свои песни на фестивалите низ Македонија можете да се пофалите?
Навистина не можам да ги набројам сите награди, ги има премногу. Би ја издвоил онаа која ја имам како најмила и највредна, а тоа е наградата од фестивалот “Цветници” 2000та година со песната “Не кани ме” , песна која ми го смени животот и ме направи препознатлив кај народот. Се надевам дека песната ќе остане засекогаш да векува и да потсетува на мене.
Кои се идните планови на Миле Кузманоски, што подготвувате, со што ќе не изненадите во иднина и ќе ја збогатите македонската фолклорна сцена?
Најново со што можам да се пофалам е новиот албум “Шприцер”, што претставува нешто на што долго и напорно работев. На него се наоѓаат девет комплетно нови композиции, како и три бонус нумери со видеозаписи за истите.
Дали Миле Кузманоски има слободно време и како го поминува?
Секој слободен момент, секој слободен миг во мојот живот сакам и им го посветувам само на моите две ќерки.
Настапувате и надвор од границите на Македонија, колку често се дружите со македонската дијаспора ?
Со нашинците надвор од Македонија не сум се дружел веќе пет години, правам пауза од настапите настрана од нашата земја. Инаку имав бројни настапи во Австралија, Италија, Шведска, Швајцарија, Австрија и.т.н.
Имате ли омилена публика, омилено место за настапи, омилен град?
Ја сакам ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА !
Конкретно за вас кој е патот до успехот ?
Сметам дека упорноста и истрајноста се секогаш гарант за успехот. Во нашата професија исто така она што оди во прилог на секој естраден уметник е тоа да си свој, да бидеш уникатен, а со тоа и препознатлив.
Ви благодариме на одвоеното време, ви посакуваме пред се добро здравје, уште многу награди, нови песни и секогаш задоволна и расположена публика.
Ви благодарам и јас, поздрав до читателите на маркукуле.мк и се гледаме во наредна прилика.
Pub Connect
Подготви: Александар Георгиоски