Денеска (20.04) од страна на полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Прилеп при СВР Битола, беше одржана едукативна работилница со ученици од првата година од средното општинско училиште “Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп.
Говорејќи на темата – “Врсничко насилство и превенција од девијантни појави кај учениците“ полициските службеници во текот на работилницата презентираа низа информации и практични искуства од проблематиката на врсничкото насилство, видовите и облиците на манифестирање, како и околу казнивоста и последиците од ова девијантно поведение.
Особено внимание во рамки на видео презентација пред околу деведесетина ученици од ова средно училиште беше посветено на начините како да се препознаат облиците на врсничко насилство и како и на кој начин тие треба благовремено да се превенираат во соработка и комуникација со родителите, наставниците и полицијата, а со цел навремена заштита и безбедност на учениците. Исто така, на учениците им беа поделени и печатени едукативни материјали.