Мајсторот на тапани од нашиот град, Филип Јездиќ за маркукуле.мк

10606027_675332775868303_448188625454253155_n

Музиката му е живот, тапаните опсесија. Младиот и страшно амбициозен музичар, Филип Јездиќ, е едно големо музичко изненадување, а воедно и откритие, што не прави горди дека е наш сограѓанин. Настапувал со повеќе локални бендови, за сега да биде во редовите на големи музички имиња и да твори заедно со момците од Chromatic Point. Филип е скромен дечко кој сигурно чекори кон успех. Се надеваме дека со овој интервју разговор ќе ви откриеме многу повеќе за него и неговата музичка кариера.

Здраво Филип, добредојде на страниците на маркукуле.мк
Кажи ни нешто повеќе за тебе, како се роди желбата за музицирање, зошто баш тапани и дали Филип Јездиќ умее и на друг инструмент?

  • Јас сум човек кој е опседнат со музика и филмови. Желбата за музика ми се јави на многу рана возраст, на 5-6 години. Тапаните ми беа љубов на прв поглед. Едноставно бев фасциниран од тоа како еден тапанар може да работи со две раце и две нозе. Често се прашувам дали јас самиот одбрав да свирам тапани или тие ме одбраа мене ? 🙂 Се работи за доста физички инструмент и преку тапаните најбрзо можам да ја потрошам сопствената енергија. Исто така свирам гитара, бас гитара и пиано.

Си се обидел ли да бидеш во улога на фронтмен? Дали Филип освен што знае одлично да музицира знае и да пее?

  • Искрено понекогаш се чувствувам како јас да сум фронтмен, иако седам позади тапаните. Го кажувам ова бидејќи сум ја видел таа реакција на публиката кога преку цела свирка гледаат во мене што значи дека добро ги забавувам 🙂 Што се однесува до пеењето, секој знае да пее под туш хаха, се шалам. Можам да бидам само пратечки вокал, ништо повеќе.

Што е тоа што те исполнува во  музиката?

  • Кога ми било најтешко во животот музиката ми била најдобар другар. Едноставно неможам да го замислам животот без неа. Се обидувам да сфатам која е таа моќ што ја поседува. Како е возможно во дел од секундата да го промени расположението на еден човек ? Не би можел лесно да одговорам на ова прашање бидејќи често варира мојот вкус за музика. Некогаш ме испослнува добра мелодија, некогаш риф, некогаш добар грув итн. Во моментов можам да слушам black metal, a по половина час да слушам поп музика.

12200995_761585103971362_279784343_n

Ти си една од новите откритија на музичката сцена. Во Прилеп имаш настапувано со повеќе бендови и со сите нив успешно. Но она што е поново е твоето музицирање со Chromatic Point. Како дојде до оваа соработка и од кога започна твоето членување во оваа музичка група?

  • Кога човек го работи она што го сака и нормално кога нештото го работи со најголема љубов, соништата ќе му се остварат. Со ова не сакам да кажам дека сонот ми беше да свирам со Chromatic Point, туку сонот ми беше да свирам со луѓе кои се опседнати со музика исто како мене и кои максимално и се посветуваат на музиката. Тие ми дадоја да научам неколку песни од првиот албум. Направивме проба и работата течеше одлично. Со нив свирам година и пол. Во декември минатата година издадовме албум кој се вика ”Слики од старата куќа”.

Каков стил на музика негувате, кои музички стандарди си ги имате поставено пред себе?

  • Ние свириме прогресив рок/метал со примеси на етно елементи, а јас би рекол дека свириме добра музика бидејќи за мене пости само добра и лоша музика. Сакаме да се промовираме и надвор од Македонија. Потпишавме договор со Miner Recordings. Би требало за брзо време нашиот албум да се продава и во Србија.

12200906_761585093971363_1620865997_n

Што до сега имате сработено како музички продукт и кои се вашите идни планови?

  • Бендот има снимено два албуми  ”Златен пресек”  и албумот на кој што свирам јас ”Слики од старата куќа”.  Mоментално работиме на трет албум, а нашите идни планови се да компонираме добра музика и таа да ја промовираме надвор од Македонија.

Според тебе, дали избегнувањето на комерцијалната музика во денешно време може да донесе успех за еден музичар, за една група, или пак тоа е неизбежно кога се сака да се достигне врвот?

  • Без разлика дали се работи за комерцијална или некомерцијална музика, доколку е квалитетна сметам дека може да донесе успех за секој музичар.

Кои се твоите музички идоли, оние чии достигнувања се стремиш да ги постигнеш?

  • Постојат повеќе ликови кои ги обожавам, но би го спомнал Dave Grohl.

12200769_761585090638030_1345288041_n

Има ли перспектива македонската музичка сцена на полето на рок и метал музиката, постојат ли повеќе фаци како вас кои сметаш дека би се пробиле низ сивилото наречено турбо фолк, Цеца, Аца Лукас?

  • Секогаш имало и секогаш ќе има квалитетни бендови кои прават квалитетна музика во Македонија, но искрено тука не гледам перспектива со рок музика.Никој не ни е крив што го прифаќаме турбо фолкот. Тоа е исто кога одиш на пазар. Имаш различни тезги и никој не ти кажува од која тезга да купиш. Сам си избираш.

Има ли Филип освојувано награди, учевства на фестивали?

  • Имам освојувано награди,но сметам дека музиката не треба да се гледа како натпревар. Секој си има свој карактер и свој начин на изразување. Во уметноста нема подобар,има само омилен (за сопствениот вкус).

Кој е твојот пат до успехот и како би го опишал истиот?

  • Мојата цел во животот е да правам музика и таа да можам да му ја понудам на народот да ја слуша,нормално свирејќи ја по концерти. Секој човек треба да го работи она што го исполнува најмногу и не би било фер времето да го поминуваме работејќи нешто што не го сакаме бидејќи животот е краток. Секој човек треба да биде свој, да биде упорен и трпелив, а според мене тоа е патот до успехот. Сите треба да сонуваме и да се бориме за реализирање на својот сон. Јас сакам да оставам нешто зад себе, нешто што ќе живее после мене.

Порака до читателите на маркукуле.мк и љубителите на Рок музиката?

  • Пред се сакам да му се заблагодарам на сите кои ме поддржуваат во ова што го работам,а за љубителите на рок музиката…продолжете да ја слушате 🙂

12200891_761585083971364_1927746886_n

Подготви: Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.