Непрекинато навивање, бодрење, силен патриотски дух и секакако многу македонски знамиња, беше сликата на еден дел од трибините на синоќешниот натпревар помеѓу Албанија и Македонија во Скадар, каде се наоѓаа навивачите од навивачката група “Мајмуни” oд Прилеп.
Стотината навивачи на прилепска Победа, покажаа и докажаа, дека кога националните бои се во прашање, не постои препрека за нивното присуство, наклонетост и желба за добар резлутат.
И покрај тоа што теренот за гостување беше жежок и не добија убаво гостопримство, “Мајмуни”, засилени со “Кумани” oд Куманово и неколку членови на навивачките групи “Гемиџии” од Велес и “Рибари” од Охрид, жестоко ги бодреја нашите репрезентативци од трибините и се радуваа на израмнувачкиот гол на нашата репрезентација.
Натпреварот помеѓу Албанија и Македонија од првото квалификациско коло за Светското првенство 2018 година во Русија, беше прекинат во 77-та минута, и ќе се доигра денес од 14:00 часот по средно европско време.