Новиот претседател на локалниот клуб на млади социјалдемократи од Прилеп, Бојан Цветаноски, одржа прес конференција на која зборуваше за набавката на ново возило за потребите на општина Прилеп.
Според Цветаноски, локалната власт набавила нов автомобил во вредност од 65.000 евра, што било луксузирање со парите на прилепчани.
Веројатно новиот претседател на ЛК СДММ Прилеп, заборави на набавката која ја потпиша неговата мајка, Мери Цветаноска, која за време на претходната владеачка гарнитура управуваше со Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање (ЈП за ПУП).
Цветаноска беше секојдневна мета на напади од јавноста и политичките опоненти, за набавката на четирите нови автобуси за потребите на Јавниот градски превоз.
Автобусите кои тогаш беа нарекувани болиди, секој вреден по околу 250.000 евра, беа сомнеж за сторен криминал, а Цветаноска не можеше глава да крене од постојаните обвинувања од тогашната опозиција на ВМРО-ДПМНЕ, и можноста кривично да одговара за оваа милионска набавка.
Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно потенцираше дека се сторени низа нерегуларности околу самиот тендер за набавка на автобусите, а особено сомнителна беше цената од речиси 1 милион евра. Покрај високата цена, од ОК ВМРО-ДПМНЕ се сомневаа за наместен тендер со единствен понудувач, а подоцна во повеќе наврати информираа и дека автобусите иако нови, се подложни на дефекти и често се носат на сервисирање.
Всушност набавката на четирите автобуси беше една од главните теми, со кои ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп ја убеди јавноста дека постои криминал во работењето на локалната власт предводена од Илија Јованоски.