Матураните утрово започнаа со полагање на првиот испит од државната матура – Да им посакаме среќа

Во 10 часот денеска во средните училишта низ земјава започна полагањето по првиот екстерeн испит – Мајчин јазик и литература од државната матура за учебната 2021/2022 година. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за тестот по македонски јазик се пријавени 11.060, за албански јазик 4.308 и за турски јазик 313 матуранти.

За полагање на матурата, која е услов за запишување на факултет, годинава се пријавиле 15.899 ученици кои завршуваат средно образование. Од нив, 7.135 се од гимназии, 8.504 од стручни и 260 од уметнички училишта.

Полагањето на вториот екстерен испит ќе биде на 13 јуни од 10 часот. Тој е по избор на учениците, а и оваа година најмногу се пријавиле за тестот по англиски јазик – 14.320 кандидати. Математика ќе полагаат 1.231, германски јазик 118, триесет кандидати има за тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 ќе полагаат филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.

Резултатите треба да бидат објавени најдоцна 30 дена од полагањето на вториот екстерен испит. Тие што нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија. Тестот по мајчин јазик (македонски, албански или турски) ќе биде на 10 август, а на 12 август испитот по изборниот предмет: математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.

Покрај екстерни, матурантите имаат и два интерни испита и една проектна задача. Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година полагаат државна матура како и минатогодишната генерација, која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми. На барање на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите поради пандемиската година, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит.

Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради ковид-19.

Матурата во јуни 2021 ја полагаа околу 15.300 ученици. Средната оценка од двата екстерни испита лани беше 3,61 и подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3,48.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.