Прилеп изминатите години беше препознатлив по многу работи, но највпечатливи беа широките и пространи плоштади со преубави фонтани, зеленило, урбана опрема и други пропратни содржини – порачува на Фејсбук поранешниот градоначалник на општина Прилеп, Марјан Ристески.
“Плоштадите беа магнет за сите генерации Прилепчани (од возрасни до најмлади), преполни со живот, културни манифестации, детска смеа, љубов…
Оваа прекрасна глетка воодушевуваше и привлекуваше многу посетители во градот под Марковите кули и не случајно бевме прогласени за Општина со најголем напредок во туризмот.
Ова го истакнува поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески, кој објави видео кое е доказ колку градот е уништен поради негрижата на локалната власт.
Неговиот Фејсбук статус го прнесуваме во продолжение:
Но убаво викаат: “Тешко се прави, а многу лесно се расипува” или пак “Она што е направено, овие Власти не можат да го одржат!”
После неколку години резултатот е следен… да почнеме со ред:
Плоштадот “АЛЕКСАНДРИЈА”-претходно: со преубава фонтана и прв споменик на Александар Македонски, со прекрасно партерно уредување и модерно осветлување…
Сега: мрачен и неосветлен, најчесто со расипана и раштимана фонтана, бројни искршени плочки и неосветлен ѕид за културни настани, а во близина неисчистен и неосветлен параклис св.Никола-заштитник на градот…
АРТ ПЛОШТАД (плоштад на уметноста)- претходно: претставуваше плато за прошетка пред Домот на културата, потсетник на богатата култура и уметност што градот ја собрал низ вековите со споменици и фигури во бел мермер и испишани имиња на најголемите на “Патеката на славните”…
Сега: пропадната и хаварисана фонтана, руинирана “Патека на славните”, уништено “Шах-плато”, без фигури неосветлено и неисфарбано, подзаборавена и запупштена фонтана и катче -Тоше Проески, насекаде прегорени и уништени светилки…
ПЛОШТАД “МЕТОДИЈА А.ЧЕНТО” – претходно: нивелирано- партерно уреден и осветлен со огромен споменик на “Крал Марко”, вековен симбол на нашиот град…
Сега: преплавен со искршени и пропаднати плочки од возила кои непречено движат низ него, ископана дупка која зјае со месеци на него…
ПЛОШТАД “ГРАДСКИ ЧАСОВНИК” -претходно: уреден со ситна калдрма, урбана опрема и зеленило, спој на сегашното и минатото…
Сега: неисфарбани и незаштитени перголи и клупи, овенато зеленило, неосветлен часовник потпрен со кафански маси и столици, прегорени канделабри…
“ЦВЕТНИ ПАТЕКИ”(преубавите пешачки зони) – претходно: исполнети со мирисот на јапонските цреши, преубавите цвеќина во жардињери со зеленило и клупи, осветлени со фенерите во колонадата канделабри…
Сега: канделабрите искривени или воопшто ги нема, уништени и пропаднати бекатон плочки, пешачките патеките од многубројните возила претворени во хаотични паркинзи, расипани клупи и корпи за отпадоци, уништена урбана опрема, застаклени летни бавчи, најчесто расфрлано ѓубре како “декорација”…
ПЛОШТАД “КАРПАЛАК” – претходно:урбан потсетник на поновата историја, плоштад со убави фонтани, споменик, модерно и атрактивно осветлување на истиот и партерно уредување…
Сега: плоштадот претворен во паркинг… со руинирани фонтани, зеленило и клупи, прегорено и уништено осветлување на споменикот и околината…
Жална е сликата на фактичката реалност со плоштадите во Прилеп, а само пред неколку години гордост и магнет за туристи и одржување на локалната економија… посебно за функционирање и живот на дуќаните во чаршијата!
Изгледа само фотографиите ќе ни бидат потсетник на убавото минато…
П.С. Ако некој претходно направил убави работи ,ТИ направи повеќе, тоа треба да е мотото на секој еден, тоа е единственото мото за напредок и развој… само така и никако поинаку!”