Прилеп е културно срце на Македонија, град со горд театарски дух, а неговите жители заслужуваат богата и разновидна културна понуда. Нашиот вечен симбол, Марковите Кули, претставуваат една од најубавите природни сценографии што може да се замисли. Затоа, ќе го искористиме овој величествен амбиент за да создадеме нова културна традиција и знаменитост која ќе го збогати животот во градот – стои во еден од проектите на кандидатот за градоначалник за општина Прилеп Жарко Бошкоски, кој на престојните локални избори е поддржан од коалицијата „Искуство за успех“ формирана од политичките партии ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.
Станува збор за еден прекрасен проект кој би донесол нова културна димензија во Прилеп. Ако се земе во предвид дека најстарата населба “Варош” веќе има еден мал амфитеатар, кој за жал речиси воопшто не се користи, оваа идеја добро би се вклопила за негово осовременување, или би можело да се реализира нов објект на друга локација во подножјето на Марковите Кули, некаде каде вљубениците во културата би уживале во концерти, претстави и разни други случувања под ѕвездено небо и со прекрасна панорама кон градот.
-Планираме изведба на летна сцена, односно амфитеатар на отворено, во подножјето на Марковите Кули. Оваа сцена ќе биде дизајнирана со почит кон природата, користејќи локални материјали како камен и дрво за да се вклопи во пејзажот. Со капацитет од околу 500 седишта, ќе биде опремена со модерна светлосна и звучна техника, овозможувајќи изведба на најразновидни настани. Тука, во текот на летните месеци, ќе се организираат театарски претстави од репертоарот на нашиот театар „Војдан Чернодрински“, концерти на класична и современа музика, поетски читања, филмски проекции и фолклорни фестивали. Овој проект ќе му даде нова димензија на културниот живот во Прилеп. Тој нема да биде само сцена за професионалци; просторот ќе биде достапен и за локалните културни здруженија, училиштата и младинските организации за нивните настани и приредби. Ќе создадеме магично место каде што уметноста и историјата ќе се спојат под ѕвезденото небо, кое ќе стане нова точка на гордост за прилепчани и атракција која ќе привлекува посетители од целата земја – стои во описот на планираниот проект на Бошкоски.