Манастирот во Прилеп кој е граден според соништа: Светицата на сон кажувала како да се гради и работи (ФОТО)

Манастир Света Петка село Лениште

На источната страна од селото Лениште, на шест-седум километри од Прилеп , народот го издигнал новиот грандиозен божји храм Света Петка. Храмот е граден 12 години и е фрескоживописан.

Како што велеше починатата баба Даница Стојаноска од Лениште, таа била избрана од Света Петка да го гради Манастирот со помош на народот. Првото црквиче било градено 1986 година. И за новиот храм и’ кажале каде и колкав да биде, кој да помогне. Баба Даница, луѓето од Одборот, МПЦ, верниците и нашите од дијаспората, помагајќи се трудат да му вдахнат духовност на ова божјо здание. Уште има работа овде. Само со упорност и добра волја од помагателите може да и’ се даде “живот” на црквата.

Стојанска сонила тажна висока жена која, и’ рекла да собира денар по денар од народот и да направи црквиче. За новиот манастир и’ рекла да биде 18 метри должина, 9 метри ширина. На сонот и’ порачале да мери со старото метро, со чекори од старото црквиче. Дури и’ се претскажал бројот на ќерамидите, да бил 240.

Брат и’ не ја послушал и ја покрил со табли. Но биле откриени од времето. После никогаш братот не и’ коригирал ништо и не и’ преправал. Бабата сонила кој да го копа прв темелот, кој да земе и да плати за 6 летви, кој да малтари внатре…

Исцелување од болест со градба на црква

Даница Стојаноска била болна на младост. Сонувала гласови кои барале од неа да оздрави и да гради црква. Како ниту жива, ниту умрена, слушала гласови. Лек барала по доктори и по бајачи. Сонувала дека била роб на Света Петка. А светицата и’ велела дека таа да дава лек, а не да бара илач. Ориентирајќи се по соништата, првин ја нашла петочната вода. Копнала со мајка и’ меѓу двете карпи и “засолзи” карпата. Водата течела само еден чекор од карпата и се загубувала. Не била брза, ама не пресушувала. Тоа е петочната вода.

Кога се разболела вторпат шест години бел ден не видела. Некоја невидлива сила ме туркаше. На сон пак í дошла убава жена, Света Петка, облечена во црно и и’ заповедала да гради манастир – вели Стојаноска.

Конаците се градени како што сонувала Даница. Има четири соби со по четири кревети, кујна со ѕидано шпоре и трпезарија. Многу посетители доаѓаат за славата, летната Света Петка и на Петковден 27.10 и Иванден на 7.7.

Во близина на старата црква некој човек видел арно од лековитата Петочна вода. Ја изградил со црвени цигли да привлекува. Водата да лекува требало да се зема само во посно. Тука е и Неделската вода и Средочната вода. Овие чешми често се посетени од луѓе кои бараат лек за некоја болест, кои ги бараат за здравје. Парализиран човек се измил со Петочната вода и оздравел.

Патот е направен пред неколку години, по погибијата на бранителите кај Карпалак. Манастирот има два резервоара за вода.. Околу нема многу дрвца, но на Ленишката планина свој дом нашле багремови, јасенови дрвца, борчиња и по некој орев. Планинската рекичка со мал водотек дава живот.

Продолжува фрескоживописувањето

За направеното помагал народот. Многу пари се дадени божјиот храм да го добие сегашниот лик. Само покривот чинел околу 40 илјади евра. За фрескоживописување се дадени исто така многу народни пари. Верници и добронамерници продолжуваат да донираат за фрески… Дел од иконите се осветени. Во олтарот е насликан ликот на Пресвета Богородица. Мајсторот е еден и нема шаренило.

Три Света Петки

Православната црква празнува три Свети Петки во годината. нА 8 август е Света преподобна маченица Параскева Римска, на 27.10 – Преподобна Параскева – Петковден и на 10.11 – Света Маченица Параскева – Петка Икониска.

Света Петка е една од многуте преподобни маченички која што живеела пустински, монашки живот. Животот го посветила на Христа и живела испоснички.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.