Мало духовно богатство во пазувите на планината: Манастир Свети Јован во село Небрегово

ambient_za_spokojstvo_na_dusata

Последните два километри од селото Небрегово до манастирот Свети Јован Крстител, патот не е арен. Но погледите на околината го уништуваат чувството на тресење на автомобилот. Се занемува од убавината во која никнал божји дом. Ѕидовите се капат наутро во изгрејсонце, а попладне во зајдисонце. Манастирот се кроти во пазувите на планината Мукос,  припитомувајќи ја дивината над кој се извишил.

Одморот е погоден на една од трите бетонски маси и дрвени клупи. Под сенките лете и под ветките зиме тивко “ѕуни” шумолот на треперливите лисје на раскошниот даб. Нема лето, пролет или есен за кристалниот глас на птиците. И клопотарците од говедата ја раскинуваат тишината, проткаена со птичјата песна и го исполнуваат воздухот со радост. Милина и воздишки. Нежните допири на природната убавина накалемена со божји храм.

Чувствата спонтано избиваат. Воодушевува трепетот на божјата порака. Челичи благоста и милоста. И восхитеноста од духовниот спокој.

Манастирскиот храм зрачи со автентичност

crkvata_sveti_jovan__i_kambanarijata_koja_ceka_dogradba

Манастирот Свети Јован Крстител е малечко богатство здиплено во духовниот долап. Црквичката се “родила” во 1970 година, на место наречено Црквиште. Храмот е кренат на нови темели зашто надлежните институции не дозволувале да се гради на старите темели. Старата црква била урната 1300 година, а новата е осветена во 1992 година. Фрескоживописецот Ристе од Мажучиште ја украсил во 1991 година.

Во манастирската ткаеница исткаени се многу молитви до Бог, приказни за луѓе кои побарале лек од Светецот, од светонеделската, петочна вода. Луѓе, фамилии на кои им се сонило дар да дарат, фреска да направат. Ги има многу… Ѕидовите ги украсиле фрески од мајката божја, Свети Јован, Свети Кирил и Методиј, Свети Димитрија, Света Петка и Света Недела и други. Највисоко од сводот благословува Исус. Сé е дар од богољупците… Народот градел несебично.

Слава на манастирот е Свети Јован во јануари, Свети Кирил и Методиј во мај и Иванден  во јули и во септември е Отсекување на главата на Свети Јован Крстител. Свештеник одржува литургии за славите, веселби и за умирачки.

Домаќини на славите се разни фамилии секоја година. Се пријавуваат да дарат на Бога семејства на матуранти, студенти пред дипломирање, за здравје од мака, многу верници.

– Едно утро синот, кој беше матурант рече: “Годинава за здравје, сакам да бидам домаќин на славата на манастирот”. Решивме, така да биде. И сега ги варосуваме и чистиме конаците. Остана уште да ја обелиме црквата, зашто протекуваше покривот пред да се поправи. Потребна е внимателност да не се оштети фрескоживописот – објаснува Јованка Ацеска.

Пред црквата се извишила камбанарија од бетон.

Конакот со осум пространи светли соби има по неколку кревети. Мириса на свеж вар. Дише чистота. Фурнаџиите имаат посебна соба, зашто месат леб во специјалната фурна. Славите ги посетувале до 300 гости. За Свети Јован и до 500. Трпезаријата собира околу 180 луѓе. Во конаците има специјална соба за свештеникот.

Проблем струјата, патот и стоката

Манастирот не функционира како економат. Има само неколку хектари забел. Мештаните успеале да изградат уште неколку нови соби со пари добиени од продажбата на дрва.

Се берат и се продаваат дрва да се купи материјал за изградба на новиот конак. Помагаа и фирми, а последниве години се одржува и се надградува само од средствата на верниците кои помасовно доаѓаат за славите. Помага и сопственикот на блискиот рудник, особен за поправка на патот.

Вода има од сопствен резервоар. Една стара жена сонила уште една вода во близина, покрај светонеделската и петочната. Мисли дека тоа е вода од Свети Јован.

Од одборот се жалаат дека понекогаш добитокот прави штета со влегување во дворот, но ќе се загради со камен и цемент и ќе се стави порта.

Свети Јован Крстител – последниот пророк

3

Свети Јован Крстител е роднина на Исус, и е последниот пророк. Таткото Захарие бил свештеник. Ангел му се јавил дека ќе има син, кој ќе се вика Јован. Не поверувал во сонот, зашто сопругата била постара со години и онемел.

Јован се родил на Иванден. Името му го дал татко му, кој прозборел пак, кога го напишал името на синот како да се крсти. Уште од мал Јован сакал самотнички и пустински живот. Кога пораснал живеел во пустина, крај реката Јордан и во самотија се оддал на Бога.

Бил висок, слаб човек со црна коса и брада. Со цврста волја, праведност, вистинитост, чесност, проповедал против човечките недостатоци и повикувал луѓето да се покаат.

Велел дека тој крштева со вода, но Исус е тој кој  крсти со Свет дух и со оган. Јован го крстил и Исус на реката Јордан.

Царскиот намесник Ирод во развратното римско царство по желба на Иродија која му била втора жена, и ја исполнил желбата да и ја донесат главата на чинија на Свети Јован Крстител. Настанот се случил во септември.

Свети Јован Крстител е последниот голем пророк наречен Претеча, бидејќи се појавил пред Христа и ги подготвувал луѓето за Христос. Се вика Крстител, зашто го крстил Исус Христос.

Извор: Неделник Зенит




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.