Неизвесноста околу иднината на ФК Победа изминатиов период предизвика бројни реакции во јавноста, соопштенија и обраќања – не само од клубот, туку и од повеќе организации и поединци. Последно пристигна ставот на Општинскиот фудбалски сојуз – Прилеп, од каде информираат дека во рамки на своите надлежности придонеле сениорскиот тим да ги исполни сите неопходни услови за настап во првото пролетно коло.
Иако ситуацијата изгледаше драматично и во еден момент се доведуваше во прашање продолжувањето на сезоната, Победа во последен момент обезбеди услови за настап во Втора македонска фудбалска лига. За дуелот против ФК Новаци беа пријавени 15 фудбалери, што беше доволно да се избегне службен пораз и сценарио кое можеше да има далекусежни последици за клубот.
Покрај овие 15 играчи кои настапија во саботата, според информациите со кои располагаме, уште седуммина фудбалери извршиле регистрација или пререгистрација и ќе имаат право на настап во следното, второ пролетно коло (вкупно 17-то во сезоната). Во рамки на тој натпревар, прилепчани следната сабота, на 28 февруари, ќе гостуваат кај ФК Саса во Македонска Каменица.
Со ова, барем засега, е избегнато најлошото сценарио и Победа останува дел од второлигашката конкуренција, додека јавноста во Прилеп и понатаму внимателно ги следи случувањата околу клубот.
























