Додека коментарите на францускиот претседател по неговата посета на Кина продолжуваат да одекнуваат низ Европа, вознемирените официјални лица во централниот и источниот дел на блокот бараат од него да престане да ги оддалечува од Америка, пишува Политико.
– Без стратешка автономија, Европа ризикува да излезе од историјата – изјави во неделата Емануел Макрон, наведувајќи дека Стариот континент може да биде „третиот пол“ во односот меѓу САД и Кина.
Емануел Макрон ги потресе сојузниците во источниот дел на Европската унија по посетата на Кина минатата недела, кога го предупреди континентот да не се меша во американско-кинескиот спор околу Тајван, молејќи ги своите соседи да избегнат да станат „вазали“ на Вашингтон и Пекинг.
Неговите коментари ги вознемирија оние во близина на источниот раб на ЕУ кои историски фаворизираа поблиски врски со Америка – особено во одбраната.
– Наместо градење стратешка автономија од САД, предлагам стратешко партнерство со САД – изјави во вторникот полскиот премиер пред да замине во тридневна посета на САД.
– Не можеме да ја разбереме позицијата (на Макрон) за трансатлантските односи во овие многу предизвикувачки времиња. Ние како ЕУ треба да бидеме обединети. За жал, оваа посета и француските забелешки по неа не се од помош – изјави за „Политико“ неименуван дипломат од Источна Европа.