Македонскиот преговарачки тим подготвено го започнува билатералниот скрининг

Денес е важен ден за нашиот евроинтегративен процес. Влегуваме во нова фаза во интензитетот на процесот на преговори. Денес во Брисел почнува билатералниот скрининг за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, а заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, ќе го предводи македонскиот преговарачки тим.

дна од основните цели на скринингот е да се утврди разликата што постои во секое од преговарачките поглавја, меѓу законодавството на земјата кандидат и правото на ЕУ. По анализата се очекува државата кандидат да покаже дали ќе може да го прифати правото на ЕУ во одредено поглавје и да ги усогласи забележаните разлики во законодавството или има намера да побара одредени преодни периоди за целосно усогласување и примена законодавството.
Северна Македонија иако заедно со Албанија ги започна преговорите со Европската Унија и заеднички ги следат објаснувачките скрининг состаноци, за билатералниот скрининг се одделуваат и секоја земја продолжува засебно да ја води оваа фаза од скринингот.

Според календарот на Европската комисија скрининг-процесот за Република Северна Македонија предводен е да трае до крајот на ноември 2023 година.

Членовите на Работната група за Поглавје 5, на билатералниот скрининг состанок, ќе им ја претстават на експертите од Европската комисија македонската законодавна рамка и нивото на усогласеност со правото на ЕУ во ова поглавје од преговарачкиот процес. Темите и областите опфатени во ова поглавје се однесуваат на општите принципи на јавните набавки, регулирањето на јавните набавки во општиот сектор, во областите на социјалната политика, животната средина, малите и средни претпријатија, иновациите, одбраната, концесиите, набавката на лекови, електронските јавни набавки, како и на меѓународните аспекти во оваа област.

Надлежна институција за ова поглавје е Министерството за финансии, односно Бирото за јавни набавки, а работната група е предводена од државниот советник во Бирото за јавни набавки, Александар Аргировски.

На својот фејсбук профил вицепремиерот Маричиќ објави: „Имаме целосна поддршка од Европската комисија да се забрза темпото на процесот. Македонските работни групи се спремни и очекувам целосна заложба и лична посветеност од сите и до 2030 да ја исполниме нашата стратешка цел: Северна Македонија членка на ЕУ!“




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.