Честитки за нашиот Александар Лазовски, стипендист и признат студент лидер за вештачка интелигенција (AI) и образование, кој ја заврши својата магистратура по образование (2023–24) со просек 4.0 на реномираниот Харвард. Александар беше дел од програмата за лидерство во образование, организации и претприемништво и истражуваше како технологијата може да се искористи за обезбедување квалитетно образование на глобално ниво, со посебен акцент на користењето на вештачка интелигенција (AI).
На својот ФБ профил Александар напиша:
-Официјално, магистер по образование со одличен просек од 4.0 и горд член на престижните семејства на Харвард и Фулбрајт!
Неизмерно сум благодарен на моето семејство, љубени, на моите пријатели, колеги, наставници и соработници, на сите оние кои веруваа и ме потикнаа да го бркам и остварам овој сон. Откако првиот пат бев примен на Харвард и не успеав да ги соберам потребните финансии за студирање, се чувствував како овој сон да ми се “лизна низ прсти”. Обесхрабрен и тажен, наидов на неверојатна поддршка од луѓето околу мене, кои ме охрабрија да аплицирам за Fulbright и повторно да се обидам да аплицирам одново. Овој процес не беше воопшто лесен, со многу моменти во кои повторно Харвард делуваше толку далеку…
Како дете на двајца родители инвалиди, а подоцна на самохрана мајка, која даде се за да имам добро образование, иако притисната од сиромаштија и здравствени проблеми, не можев ниту да сонувам дека ќе бидам овде. Овој успех го делам со неа и со мојот татко, кој иако поради својата здравстена состојба ретко имаше прилика да ја напушти својата соба, зборуваше и сонуваше за светот и ми ја даде дарбата на љубопитност и истрајност, дарови кои ќе ги носам со себе до крајот на животот.
Со оваа диплома, ја продолжувам низата на први работи во моето семејство, почнувајќи од желбата да станам првиот претприемач во моето семејство, основајќи организација кога имав само 19 години до првиот кој дипломира на факултет, а сега, и да магистрира.
Неколкуте прекрасни наставници како и упорноста на моите родители да ми обезбедат квалитетно образование, и покрај сиромаштијата, го променија текот на мојот живот. Ова е подарок што сакам да го пренесам на другите деца ширум светот и се надевам оваа диплома ќе ми овозможи да ја остварам таа мисија.
Во иднина, носам голема одговорност, да преку моќта на квалитетното образование ја променам судбината и на други деца, кои можеби живеат слична приказна како мојата.
Уште еднаш, благодарен сум на сите за вашата поддршка и љубов!