Во Македонија денеска се одбележуваат 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.
Централното чествување по повод раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност ќе биде во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што цвеќе ќе положат премиерот Христијан Мицкоски, претставници на Собранието, делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија,…
Поради одбележувањето, ќе биде воведен посебен сообраќаен режим околу црквата „Св. Спас“. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Самоилова“ на потегот од ул.„Иљо Војвода“ до крстосница со ул.„Прохор Пчински“.
Роденденот на Гоце Делчев ќе биде одбележан и во Штип. Пред спомен – бистата во дворот на Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Ново Село ќе биде положено цвеќе, по што беседа за македонскиот револуционер ќе одржи проф. д-р Ана Витанова – Рингачева, а предвиден е настап на Академски хор на Музичка академија при УГД – Штип и Универзитетскиот ансамбл „Македонија“.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.