Македонија испраќа тим за заштита и спасување од Армијата, кучиња трагачи, хуманитарна помош и 100.000 евра во пријателска Турција

Министерката за одбрана на Република Македонија, Славјанка Петровска, по денешната вонредна седница на Владата на РМ на јавноста ѝ соопшти дека Македонија испраќа помош во Турција за помош при справувањето со последиците од катастрофалните земјотреси.

– Министерството за одбрана и Армијата испраќаат итна помош за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес во Турција. На предлог на Министерството за одбрана, Владата на вонредната седница донесе одлука да бидат испратени тим за заштита и спасување од Армијата, кучиња трагачи и хуманитарна помош во пријателска Турција.

22 лица од Баталјонот за специјални сили, две лица водачи и кучиња обучени за трагање наскоро заминуваат во сојузничка Турција, за да помогнат да се спасат човечки животи, под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес.

Застануваме солидарно да им помогнеме на преживеаните да ги пребродат овие тешки времиња.

На пријател во неволја, секогаш ќе му помогнеме. – напиша Петровска на Фејсбук.

Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната 126 седница, ги донесе следниве заклучоци:

– Се задолжува Министерството за финансии да подготви и до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Македонија за 2023 година, во износ од шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес;

– Се задолжуваат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во координација со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, итно да подготват и до Владата да достават соодветна одлука за испраќање на сили/тимови за заштита и спасување, коишто ќе се вклучат во погодените подрачја, како и одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Турција;

– Се задолжува Министерството за одбрана во рамките на своите надлежности итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување соодветна помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош;

– Се задолжува Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови;

– Се препорачува Црвениот крст на Република Македонија во рамките на своите законски надлежности и можности, во соработка со надлежните институции, да се вклучи во акцијата за обезбедување помош на настраданите, со испраќање тимови и друг вид хуманитарна помош, соодветна за вакви природни катастрофи;

– Се задолжува Генералниот секретаријат на Владата во соработка со Министерството за надворешни работи, да преземе активности во насока на итно префрување на одобрените средства од Буџетот, како и да одржува редовна комуникација со Амбасадата на Република Турција во Република Северна Македонија, со цел спроведување на одлуката.

Владата, на предлог на Дирекцијата за заштита и спасување, донесе одлука во санирањето на последиците од земјотресот во Турција да се испратат 40 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување.

Од Дирекција за заштита и спасување се обезбедува и комплетна специјализирана опрема и материјално – текхнички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.

Финансиските трошоци за оваа намена ќе се обезбедат од средства на Дирекцијата за заштита и спасување.

Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Турција и тоа 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.

Владата, исто така на предлог на Министерството за одбрана, донесе одлука за испраќање тим за заштита и спасување од Министерството за одбрана во Република Турција, за учество во давање помош на Република Турција.

Во санирањето на последиците од земјотрес, се испраќаат вкупно 24 лица припадници на Министерството за одбрана – Армија на Република Македонија, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили и две лица водачи на службени кучиња, со две кучиња, од Командата за обука и доктрини на Министерството за одбрана.

Финансиските трошоци за оваа намена ќе се обезбедат од сопствените средства на Министерството на одбрана.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.