Мистериозното мариовско богатство отсекогаш е привлечно за авантуристите и посетителите. Долината на Црна Река која го пара Мариово секогаш е атрактивна за археолозите, дивите копачи, рударите…
Грамадните разголени карпи, остатоци од тврдини, керамика и гробници од античкиот период, мермерни остатоци од цркви, грниња со злато, високи древни дрвја и што ли уште не, мамат да ги допрат.
Во славното Мариово, итрите мариовци раскажуваат за убавата девојка Марија, грабната од Турците, по која Мариово го добило името.
Ќе се слушне за легендата за Црна Река која секоја година земала по една жртва, за Расимбеговиот мост, за мариовските манастири, за светците овековечени на карпи.
Витолиште во прилепско, Старавина во битолско и кавадаречкиот дел се сржта на Мариово. Во двете триесетината села живеат помалку од илјада жители.
Иако е најретко населена област со тешко пристапен терен, кој бил мака за освојувачите во историјата и останувала слободна, не може да одолее на миграцијата. Жителите главно се возрасни, стари над 50 години.
Бебешки плач козјнае кога последен пат се чул. Нема кој да го заниша мандалото на камбанаријата на селскатае црква. Од време – навреме удира ѕвоното од камбанаријата да каже дека Мариово останало уште со некој жител помалку.
Мариовско-мегленските средби ги подгреваат мариовците, распрскан по светот, да се соберат на старото огниште еднаш годишно и да ја натопат мариовската земја со солза. Лелекот на душата ги успокојува сеќавањата кои тлеат во нив.
Прилепскиот дел е сув поради ретките и мали водотеци и честите суши. Битолскиот е повлажен и побогат со вегетација и вода. Селото Маково е почеток, граница на Мариово со Битола.
Зовиќ е уникатен. Се стигнува по неколку одминати мариовски села. Тоа е второ од 11 мариовски села во битолскио. Закотвен е близу грчката граница во подножјето на планината Ниџе.
Селото е типично планинско со мариовски атрибути, со камени куќи во мариовска архитектура и прекрасни дрвја. Зовичките моми биле надалеку прочуени по убавината. Често завршувале како невести кај чанишките ергени кои на магаре ги носеле од Зовиќ преку трупа до Чаниште во прилепско Мариово. Селото атракција и раритет. Дише со чист воздух, а кладенчињата ја гасат жедта и му даваат шарм на амбиентот.
Бројните фрески на карпи се видливи сведоци дека верата чисто дише кога е под ведро небо и природен амбиент. Нема граница за љубовта кон Бога, ниту за разните начни на нејзино искажување. Карпа со насликан светец бдее во близина на уникатниот зовички камен мост преку кој се преминува од прилепско кон битолско Мариово. Личи на потковица, односно има форма на свод и е без ограда.
Мостот е широк околу четири метри. Граден бил од Турците, а поправен во поново време поради честите раскопувања на камените плочки од трагачите на злато. Под мостот со кроток тек тече Градишка Река. Името го носи по наредното село Градешница, а извира во близина на врвот Кајмакчалан. Минува низ природни брзаци.
Во бистрата вода со камено дно се капат сончевите зраци. Таа се собира во поголеми вирови со преливни нијанси на зеленикава боја на водата богата со ситни рипчиња. Во неа се разладуваат зовичани кои со гордост реката ја нарекуваат ,,Наша,,. Тече низ природна средина и иако амбиентот е див.
Мазните карпи ја смируваат разбрануваната вода. Подолу врви низ длабока клисура завиткана со гранитни карпи во кои се слуша ехото на природата и говорот на водата. Авантуристите со претпазливост потскокнуваат од карпа на карпа, Многуте растенија и грмушки му даваат топлина на каменото корито.
Под мостот, на закосена карпа, се натокмила калемена автентична воденица, која надојдената вода неколкупати ја уривала и ја носела, но пак била обновувана. Мостот е атрактивен за режисери на филмови. Има и остатоци од тврдина и од градска населба. Зовиќ е рај за авантуристи, за алпинисти… Огромната клисура на другата страна од селото честопати е надлетувана од разни грабливци.
Величината мами и плаши. Малку подалеку на едно ритче мир дава мала бела црквичка околу која се распослале бели уникатни ,,школки,, како полжавчиња. Не се дозволува да се оценува дали се варовнички или остатоци од коскени форми налик на слонови коски. Останаа во сеќавање како необичен бел тепих кој крцка под нозете.
Планинското село одекне ако има вест за фатен сом на Црна Река. Ретките стада овци поздравуваат со блеење и милиот звук на ѕвонците на овните. Протено време е милин а з аочите, за слободно трчање и тркалање на цветните ливади.
Опива мирисот на цветовите. Навечер, на природен душек од трева постои мжоност за восхит на ѕвездите на небесниот јорган кој трепкаво поздравува. Сетилата се активираат и на искрите на логорскиот оган и мирисот на печени колбаси на стапче. Небаре волшепство на природата. Плени старински декор во камената селска куќа чие приземје било за добитокот, а катотза мирно сонување на железни кревети со пружини покриени со селски дивтици, јамболлии, ирами…
Жедта се гасне со животворна вода од кладенци каде мое да се шлапка и по некоја жаба. Водата слатко пивка. Сепак, во Зовиќ на квежчеина е свежо. Ветре од врвот пее во дует со славеите. Денски низ некоја од ретките живи куќи може да се потслушне некоја баба како низ грлото ги вади акордите на ,,Заплакало е Мариово”,, и ,,Кој пат води за Мариово,,. Тоа се легендарни песни за секое срце.
Успокојува и скротува селскио амбиент. Сплотува природниот здив на зелениките. Карпестиот допир на мариовски Зовиќ повикува на нова средба, зашто досегашната никогаш не е доволна да ја нахрани душата.