Маестрален пост на Илија Димовски

Во светот никој никаде не дозволил да му се чепка во идентитетот, посебно не во Европа – пишува поранешниот пратеник Илија Димовски.

Неколку прашања посветени на многу луѓе, познати и непознати, пријатели и јабанџии, кои за жал поверуваа дека со Преспа ги решија сите балкански заплети од последните два века… Незнаењето и неписменоста не донесе во слепа улица, а дадовме се што ни значеше…

Зар требаше да се удриме во ѕид (поставен од Бугарија овој пат) за да стане јасно дека чепкање во идентитет на еден народ е како чепкање во геном на еден човек?

Зар не се гледаше ова пред 5 години? Зар не го прочитавте член 7 од Преспанскиот договор, кој прави идентитетска каша и поделба и сепарација на македонскиот идентитет?

Зар врвни професори и интелектуалци не можеа да препознаат дека ќе дојдеме до оваа точка? Зар не видовте дека се откажавме од целокупното културно историско наследство од егејска Македонија?

Зар не слушнавте дека со договорот со Бугарија од 2017 година се откажавме од наследството и луѓето во пиринска Македонија? Зар не разбравте дека ќе дојде ден кога ќе треба да се откажеме од македонското наследство и во вардарска Македонија?

Зар не знаевте дека ако му се заблагодаруваш на некого што те малтретирал со ВЕТО 30 години, ќе дојде и другиот да си ја бара својата благодарност за неговото ново ВЕТО?

Зар не научивте дека балканските држави (минус Албанија) имаат десетици договори за утврдување на свои интереси (културни, економски, географски,…) кон територијата на Македонија?

Зар заборавивте дека живееме на Балканот, а не помеѓу Шведска и Норвешка? Зар не знаете дека 7/8 такт е наследство од егејска Македонија и дека денес според договорот од Преспа тој (за сега само на хартија) не е веќе наш?

Зар ни требаше Захарова, Радев и Ковачев за да разбереме дека теоријата “Тито и комунистите (само левицата) ја создаде Македонија” е штетна за Македонија?

Зар не ги гледавте сите обиди (од три страни) да се сруши националниот карактер на нашата црква? Зар не прочитавте дека почитувањето, воздигнувањето и градењето на национален дух е европска вредност?

Се надевам дека ќе разбереме дека или ќе изградиме национална стратегија или за 50 години ќе бидеме фолклорен спомен во традициите на соседите, стои во Фејсбук статус на екс пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.