Лукароска: Безбедносната состојба во Прилеп се движи кон точката на вриење (ВИДЕО)

Безбедносната состојба во Прилеп се движи кон точката на вриење. Вчеравечер во угостителски објект во нашиот град беше фрлена бомба која, за среќа, не експлодирала – истакна на денешната прес конференција, Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ Прилеп.

Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:

-Точно 16 месеци одговорноста за безбедноста во државата е во рацете на ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски. Во тој период во дневните полициски билтени беа регистрирани два инцидента со експлозивни направи, триесетина запалени автомобили, еден опожарен ноќен клуб и недефиниран број на оружени пресметки и насилства во угостителските објекти и градските улици.

Прилеп наликува на Дивиот Запад од неговите најславни времиња. Официјалните бројки на регистрирани инциденти само го потврдуваат фактот, дека власта на ДПМНЕ го направи Прилеп опасно и небезбедно место за живеење.

Граѓаните се оправдано загрижени за личната безбедност и безбедноста на своите најблиски. Како одговорна политичка партија, СДСМ уште еднаш алармира за сериозноста на проблемот кој и локалната и централната власт упорно го игнорираат.

Во таа насока е и нашиот апел до министерот Тошковски, но и до Советот на општина Прилеп: разрешувањето на началникот на ОВР Прилеп, Марјан Станоески и командирот на Полициската станица од општа надлежност, Горан Колонџоски, ќе биде првиот чекор во создавањето услови за нормализирање на безбедносната состојба.

Време е за одговорност!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.