Најпрво сакам од името на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп да им се заблагодарам на нашите сограѓани за масовниот одзив на големиот народен митинг во центарот на градот – истакна на денешната прес конференција Ирена Стерјовска Локвенец од Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата во продолжение ја пренесуваме во целост:
“Прилепчани како никогаш досега излегоа во огромен број и покажаа дека застануваат зад политиката на искреност и чесност. Исполнетиот плоштад во петокот е доказ дека граѓаните и покажаа црвен картон на оваа однародена и аздисана власт.
Она што постојано го зборуваме, граѓаните го препознаа и покажаа што ја чека власта на престојните претседателски избори, а потоа и на предвремените парламентарни.
Предизборните митинзи на партиите во Прилеп, но и централните митинзи во Скопје, се вистински пример за тоа дека граѓаните му го завртеа грбот на СДСМ и Зоран Заев.
Аболицираниот премиер и неговиот кандидат за претседател Стево Пендаровски доживеаа вистински дебакл, а тоа се должи на невидениот досега непотизам, политичка одмазда, политика на присила и уценување, како и нереализираните очекувања на граѓаните за 500 евра плата, за 100 000 денари плата за докторите, намалените пензии, зголемените даноци, немањето инвестиции и предавствата на сопствениот народ и држава преку промената на државното име.
Вака изгледа одговорот на прилепчани за лицемерито, сеењето на страв, за заканите, но и за зголемените сметки за вода за 60% и мизерното ниво на капитални инвестиции од локалната власт предводена од СДСМ.
Ваков е одговор на граѓаните кога со присила и уцена за своите работни места се приморуваат да одат на митинзи и да слушаат порачани стихотворби и стенд ап шоуа за Зоран Заев.
Почитувани,
И во минатото, па и денеска, се’ започнува од Прилеп. Така ќе биде и сега. Во недела гласаме за жена Пртседател на Република Македонија. Гласаме за правда и праведност, гласаме против криминалот и корупцијата, гласаме против сите надвиснати црнила во државата. Гласот за Професорката Гордана Силјановска Давкова и бројот 2 ќе значи токму тоа, ќе значи расчистување со оваа ненародна структура на власт и нејзино сместување на црната страна од политичката историја”.