Локални избори 2025: Утре на полноќ завршува јавниот увид на Избирачкиот список

Јавниот преглед на информациите од Избирачкиот список за Локалните избори 2025 завршува утре на полноќ, а два дена подоцна, на 13 септември на полноќ, завршува крајниот рок за доставување на листите со кандидати за градоначалници и за советници.

Изборната кампања за локалните избори, планирани за 19 октомври, ќе започне на 29 септември. Гласањето ќе се одвива во 80 општини и во Градот Скопје, на 3480 избирачки места.

Граѓаните имаат можност да го извршат јавниот увид денес до 20 часот во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, додека утре, на 11 септември, кој е последен ден од рокот, службите на Комисијата ќе работат до полноќ.

Барањата за внесување, дополнување или отстранување на податоците во изводите на Избирачкиот список, кој е достапен за јавен увид, граѓаните ги доставуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или до месната канцеларија во местото на живеење, или преку електронска пошта до ДИК.

Исто така, граѓаните можат да го сторат тоа преку електронската адреса за поднесување барања за запишување, дополнување или бришење на информации во Избирачкиот список: [email protected]. “Со барањето се приложуваат и потребните докази, а обрасците можат да се пронајдат и на веб страната на ДИК (sec.mk).” Увид во Избирачкиот список им се овозможува и на затворениците.

“Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид, лицата во притвор или во затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК, од 23 август до 11 септември.”

ДИК е обврзана да донесе решение за барањата и пријавите на граѓаните во рок од 24 часа од моментот на приемот на барањето. “Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат.”

“По тужба, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ја доставува на тужителот по електронски пат.” “Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.”

ДИК го заверува финализираниот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список кои се користат за гласање, најдоцна до 3 октомври. “Барањето за доставување на Избирачкиот список политичките партии го доставуваат до ДИК по електронски пат, најдоцна на 11 септември.”

ДИК, во рок од три дена (најдоцна до 14 септември) од денот на завршување на јавниот увид, го доставува избирачкиот список до политичките партии кои поднеле барање до денот на завршување на јавниот увид. “Политичките партии во рок од пет дена од денот на приемот на избирачкиот список до ДИК (најдоцна на 19 септември) доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци.”

ДИК одлучува за поднесеното барање со решение во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето, согласно Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список. “Против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението.” “Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.”

Министерството за внатрешни работи, во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид на 12 септември, доставува листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по било кој основ од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК ги внесува податоците за овие лица во избирачкиот список по службена должност.

Надлежниот орган за извршување на санкциите, најдоцна 30 дена пред денот определен за избори, доставува податоци до ДИК за лицата кои се во притвор или кои се на издржување казна затвор, врз основа на евиденцијата што ја води тој орган. Податоците се доставуваат на магнетен медиум и задолжително го содржат единствениот матичен број на граѓанинот (ЕМБГ).

Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади, најдоцна 30 дена пред денот определен за избори (најдоцна на 18 септември), врз основа на сопствената евиденција и врз основа на доставените податоци од одговорните лица во установите за вонсемејно згрижување, до ДИК доставуваат податоци за лицата кои се пријавиле за гласање во установите за вонсемејно згрижување.

Основните судови до ДИК доставуваат податоци за лицата на кои со правосилна судска одлука им е целосно или делумно одземена деловната способност, при што судот утврдил дека лицето нема способност да изрази правно релевантна волја на избори, како и податоци за лицата на кои им е изречена мерка притвор (најдоцна до 18 септември).

Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК го заклучува најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид, односно најдоцна на 26 септември. ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна 15 дена пред денот на одржувањето на изборите, односно најдоцна на 3 октомври.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.