Летно туширање од Пролет за Прилеп – Велески и дружината немоќни за пресврт

Eкипата на Пролет 62 му го зададе првиот пораз на прилепчани, откако денеска во салата триумфираа со 30:25. Иако крајниот резултат изгледа убедлив, сепак прилепчани покажаа жар и желба за надигрување.

Иако во првите 20-тина минути се играше речиси гол за гол, домаќините стигнаа до солидно водство од 17:13 на полувремето. Причина за тоа беше и црвениот картон за Цветаноски. Најдобриот шутер на прилепчани го напушти теренот уште во 15-та минута.

Во вториот дел гледавме еден сосема поинаков Прилеп, кој покажа и докажа дека располага со квалитет. Избраниците на Боби Мојсов, предводени од капитенот Велески, успеаја да го израмнат резултатот на 19:19. Пролет повторно направи разлика од 23:20, а прилепчани се вратија на 23:22. Сепак, гостите добија ладен туш во завршините минути, откако Пролет се консолидираше и ги користеше грешките на прилепчани.

Најдобри поединци кај гостите беа Црногорецот, Владан Кастратовиќ, кој постигна 5 погодоци, а го следеше Христи Бикоски со 4.

Во наредното коло РК Прилеп го пречекува Вардар од Неготино.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.