Општина Ѓорче Петров направи нов, значаен чекор во унапредувањето на социјалната заштита и инклузијата на локално ниво. Денес е потпишан договор за грант со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Светска банка, како дел од Третиот јавен повик за развој на социјални услуги, се вели во соопштението од општина Ѓорче Петров.
Партнер во реализацијата на проектот е Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“ – Скопје, давател на лиценцирана социјална услуга со долгогодишно искуство.
Во рамки на овој проект, ќе се воспостави Центар за дневен престој и индивидуален третман на лица со попреченост, кој ќе овозможи стручна, персонализирана и континуирана поддршка за две целни групи: деца од 1 до 14 години, кои ќе добиваат рана интервенција и стручна поддршка за говорен, моторен и когнитивен развој и млади лица од 14 до 26 години, за кои ќе се реализираат индивидуални и групни програми за развој на социјални и животни вештини, самозастапување, физичка активност, вклучување во заедницата и подготовка за пазарот на труд.
Центарот ќе биде сместен во простории во сопственост на општината, кои ќе се адаптираат и опремат со современа опрема – вклучително и пристапен лифт, специјализиран мебел и технолошки помагала за пристапност и комуникација. Услугата ќе ја реализира стручен мултидисциплинарен тим составен од дефектолози, логопеди, психолози и други професионалци, под раководство на здружението.
-Со овој центар не само што создаваме пристап до стручна поддршка, туку градиме општина по мерка на сите – општина на солидарност, човечност и инклузија,- изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
Општината ќе обезбеди координација, инфраструктурна поддршка и видливост на активностите. Со воспоставувањето на овој центар, Општина Ѓорче Петров демонстрира силна определба за градба на инклузивно и хумано општество, кое ги препознава и поддржува потребите на сите свои жители, особено најранливите категории.
Општината уште еднаш покажува дека е општина која препознава, разбира и дејствува во интерес на сите граѓани. Иницијативноста, заложбата и вредната работа на локалната самоуправа се клучен двигател за создавање подостоинствен живот за лицата со попреченост и нивните семејства.