Панче Ќумбев е една од легендите на македонскиот фудбал од поново време. Особено драг на Прилепчани додека ги бранеше боите на легендарната генерација од 2001 година на Победа. Панче е запомнет по својата посветеност на клубот и секогаш добрите игри за сите клубови во кои настапуваше. Успеавме да добијаме одговори на нашите прашања за неговата кариера и драго ни е што ги споделуваме неговите моменти со нашите читатели.
Здраво Панче, добредојде на страниците на маркукуле.мк. Најпрво огромна благодарност за прифатената покана да придонесиш во збогатувањето на нашиот веб сајт. Посебно ни претставува чест што една фудбалска легенда како што си ти ќе ги изнеси своите ставови и размислувања за фудбалот со нашите читатели.
Не верувам дека има некој што не е запознаен со твоето име и твојот придонес во фудбалот во нашата држава, но еве како започна твојата фудбалска бајка и кажи ни нешто повеќе за настапите и престојот во ФК Победа Прилеп ?
Јас сум роден Велешанец, и нормално моите први фудбалски почетоци се во ФК Борец. Таму ги поминав сите младински селекции и со мои 17 години веќе бев дел и од првиот тим. Цели 3 години со Борец настапував во првата лига, која во тоа време можам да кажам дека беше доста атрактивна и многу силна. Во 2000та година дојде покана која што не се одбива. Ми се јавија луѓето од ФК Победа, и нормално како и секој млад играч кој што сака да напредува јас ја прифатив поканата од првите луѓе на клубот и јуни 2000та година веќе бев член на ФК Победа. Морам да бидам искрен и да кажам дека во тоа време Победа имаше по два три екстра квалитетни играчи на секоја позиција. Но за среќа моја и за среќа на тогашните млади играчи во ФК Победа тогашен тренер беше Никола Илиевски Џиџи, кој едноставно веруваше во младите играчи и ни даде максимална и целосна поддршка. Првите 3 месеца од мојот престој во Прилеп беа како од бајка. Довчерашен играч на просечниот Борец сега настапува во европските купови и тоа против големата Парма. Интересно е дека на моето официјално деби за Победа јас постигнав и гол,и тоа против Осогово на домашен терен. Морам да истакнам и дека адаптацијата во новиот клуб и новиот град ми беше многу лесна затоа што знам дека многу Прилепчани не знаат дека јас сум по мајка Прилепчанец. Мајка ми е родена во Прилеп и скоро цела родбина од нејзина страна и ден денес живее во Прилеп. Во Прилеп поминав прекрасни 4 години, со освоени првенство и куп на Македонија. Преку игрите во Победа добив повик прво за младата, а подоцна и за А репрезентацијата на Македонија. Во тие 4 години работев со Никола Илиевски, Мирсад Јонуз, Зоран Смилевски, Драги Канатларовски како тренери и со сите имав одлична соработка. Тука морам да го истакнам и Круме Митриќески, прекрасен човек и личност кој не штедеше време и нерви да работи со мене и после секој тренинг да остануваме уште час или два да работиме на моите недостатоци. Во Победа одиграв многу значајни утакмици и носам многу спомени, меѓутоа за мене најважна после онаа со Парма е финалето на купот на РМ одигран во Струмица. Таа генерација на Победа го донесе првиот трофеј во Прилеп и мило ми е што јас бев дел од неа и дадов свој придонес. Во самото финале постигнав и гол кој ќе го памтам цел живот.
Победа важи за единствена љубов за многу спортски имиња кои поминале дел од кариерата во градот под Марковите Кули. Ти беше дел од еден респектабилен тим во тоа време, тим кој се соочи со ѕвездениот тим на Парма во 2000та година. Какви се сеќавањата од тогаш, од дуелите со еден Аморосо, Ди Вајо, Канаваро и Турам и колку ви значи конкретно овај натпревар во кариерата?
А можете да замислите како може да му биде на 20 годишно момче кое до вчера играло само пред 4-5 илјади гледачи наеднаш да игра пред 30 илјади и против себе ги има звездите на тогашниот европски фудбал собрани во Парма. Мислам дека тој двомеч со Парма всушност беше и мој испит или виза за понатамошен тек на мојата кариера. Играч се станува и се промовира токму на такви утакмици, а јас ја имав таа среќа ете да се промовирам баш во дресот на Победа.
Ако не се лажам после Победа доаѓа твојот престој во Полска. За кои фудбалски тимови настапуваше таму и кои успеси ги постигна?
Мојот престој во Победа беше до 2004 година. Во меѓувреме имаше понуди од разни екипи и странски и домашни меѓутоа ете сплет на околности беше токму Полска да биде моја следна дестинација. Во 2004 потпишав за Гроцлин од Полска, и на мои 24 години ја почнав мојата фудбалска печалба надвор од Македонија. Во Гроцлин настапував од 2004 до 2008 година. Во меѓувреме со Гроцлин освоив два купа на Полска и два лига купа на Полска. Бев прогласуван за најдобар странец и најдобар дефанзивец. По добрите игри во Гроцлин дојде понуда од најголемиот клуб во Полска, а тоа е Легија Варшава. Во Легија настапував нецели три години и освоив еден супер куп на Полска. Престојот во Легија е еден вид остварување на мојот сон, затоа што се работи за многу голем клуб.
Знаеме за полските хулигани, односно за оној не толку привлечен дел кога се настапува на стадионите низ Полска. Колку е лошо доколку како играч се навлече нивниот гнев ?
Искрен да бидам јас со полските навивачи никогаш не сум имал проблем, можеби затоа што секогаш сум го давал својот максимум на терен и сум гинел за боите на клубот. Меѓутоа имало мои колеги кој што имале проблеми со навивачите, но сето тоа било резултат на нивниот неспортски живот и не почитување на правилата на клубот.
Кога дојде првиот повик за Македонската фудбалска репрезентација и што значеше за тебе да си еден од плеадата спортски амбасадори кои ги носеле црвено-жолтите бои и се испотиле за македонскиот фудбалски дрес?
Првиот повик за А селекцијата на Македонија дојде во времето кога настапував за Победа. Голема чест и обврска е да се игра за националниот тим и да се носи дресот со државниот грб. За мене, а верувам и за секој играч тоа било сон, и ете мојот сон се остварил.
Maкедонскиот фудбал повеќе години е во стагнација. Освен некои светли точки како настапите на Вардар и Работнички во Европа, во другите клубови ништо ново, туку напротив нови падови. Државата вложува во инфраструктура, но спортските центри како Прилеп, Битола и други веќе години не се активни, ниту со продукција на нови кадри, ниту со некоја посебна амбиција за во блиска иднина. Освен оној финансискиот дел кој секако е најзначаен, што уште треба да се направи според тебе за да овие центри наново да заживеат?
Ако нешто ме боли на спортски план тогаш тоа е моменталната ситуација во домашниот фудбал. Значи на оваа тема има многу да се зборува, а за жал кај нас малку се прави. Се додека не сватиме дека треба да се вложува во младите селекции, се додека во фудбалот работат луѓе кој што немаат допирна точка со спортот ние ќе немаме фудбал. Денес фудбалот е процес, денес фудбалот е наука. Ние тапкаме во место, а сите други газат напред. Па видете само каде се нашите најголеми центри за фудбал? Каде се Битола, Прилеп, Велес, Струмица, Куманово, Охрид? Кога ќе погледнам каде е мојот Борец и каде беше до вчера мојата Победа тешко ми е воопшто да разговарам на таа тема. Па Прилеп е најфудбалски град во Македонија, и се надевам дека Победа многу брзо ќе се врати онаму каде што и е местото.
Како надополнување на претходното прашање, ниту Фудбалската репрезентација одамна не нема израдувано со некоја позначајна победа, ниту пак со игра која ветува. Дали вината треба да ја бараме кај селекторите? Дали за тоа виновни се луѓето во федерацијата, кои според нас несомнено гледаат само профит или пак за ова вина има и нашиот менталитет дека нема што да очекуваме премногу, ние сме мала држава и.т.н.?
Ние Македонците имаме еден голем проблем. Едоставно не сме реални, очекуваме премногу, а даваме премалку. Во овој момент не треба ништо да се очекува погоре од она место каде што сме сега. Тоа е нашата реалност. Со изгасени центри на фудбалот, оние што ги набројав погоре ние немаме иднина. Тоа е факт. Нашата лига е можеби една од најслабите во Европа, и се додека е така ние ќе стоиме во место.
Панче Ќумбев е основач на првиот кај нас Синдикат за фудбалските спортисти. Кои се заложбите на оваа организација и дали во иднина можеме да очекуваме минимални загарантирани плати за фудбалските работници?
Да, јас сум основач на првиот синдикат на фудбалери т.е воопшто спортисти во Македонија. Верувајте железни опинци искинав да го основам и уште се борам со ветерници, меѓутоа сигурен сум дека мојата борба ќе вроди со плод и дека играчите конечно ќе се сплотиме и ќе бидеме едно. И како што тоа кај нас бива одма се јавуваат негативни коментари против мене и синдикатот, но крајот ќе покаже кој бил во право, а кој не. Синдикатот е самостално тело и не е дел од ФФМ како што многу мислат. Меѓутоа работата ќе ја докажеме на терен и верувам во овој проект.
Панче кој е патот до успехот?
Па некоја посебна формула или пат според мене нема. Она што веќе го знаеме, работа, многу работа и само работа. И нормално многу откажувања, многу жртви како млад човек, но ако се сака се се може. Мој апел до младите е да спортуваат да тренираат и да бидат упорни во тоа што го работат. Нека бидат имуни на сите пороци кој што ги има денес и нека бидат чесни и верни кон она што го сакат и работат.
Што би им порачале на читателите на маркукуле.мк и на оние кои сеуште се сеќаваат на вашиот престој во Прилеп?
Како прво би ви се заблагодарил вас на поканата за ова интервју. Чест ми е да бидам дел од медиум кој доаѓа од градот кој многу го сакам и луѓе кои неизмерно ги почитувам. Би им порачал да ја сакаат Победа, да ја поддржуваат, и да не ги забораваат старите играчи кои што дале многу за Победа. Јас Победа вечно ќе ја носам во моето срце и секогаш Прилеп ќе има посебно место за мене и мојата фамилија. Голем поздрав до сите Прилепчани, а посебно до навивачката група Мајмуни и моите роднини во Прилеп.
Панче, ти посакуваме среќа и здравје пред се, се надеваме дека сеуште ќе помагате и ќе работите за фудбалот, па дај боже сите да бидеме сведоци на една ренесанса на овој план.
ПОДТОТВИ: АЛЕКСАНДАР ГЕОРГИОСКИ