-Ликот од филмот ,,Монтевидео, Бог те видео,, живеел во стан на Булеварот, спроти Градската аптека
Летото 1960 година се случило нешто неверојатно: тренерот Благое Марјановиќ – Моша, по неколку сезони во Торино и Катанија, доаѓа во Победа. Каква била таа сензација можеме само да замислиме ако направиме една споредба.
Тоа отприлика би било исто како летоска, на пример, познатиот српски тренер Синиша Михајловиќ да преминеше од Торино во Победа.
Правиме споредба за да се знае каква величина тогаш бил Моша, учесник на првото Светско првенство во Уругвај и, според тоа, еден од двата главни лика во популарниот филм ,,Монтевидео, Бог те видео,,.
Во врска со неговиот едногодишен престој во градов, сведочи Александар Илиоски – Цане, пензионер, некогашен референт за продажба на мебел во ДИК ,,Црн Бор,,, од дете вљубеник во фудбалот, тогаш, во сезоната 1960-61 на 13-14 години.
-Знаевме за Моша од радио и од весници. Се сеќавам на белградски ,,Спорт,, со еден наслов ,,Илјада и еден гол на Моша,,. Бил неверојатно талентиран за постигнување на гол. Едноставно: гол-играч. Со пета, со глава, со нога, за него не претставувало проблем – со се можел да постигне гол.
Итар, умеел да се пробие, да се постави и да упати неодбранлив удар. Дојде од Италија, по препорака на Фудбалскиот сојуз на Југославија, а заслужен беше Милорад Бела Илиќ, стар белграѓанец.
Тој се ожени со прилепчанка и му препорача на Моша да дојди во Победа – се сеќава Илиоски.
Моша во Победа – тоа било за чудење. Еден од најскапите тренери во тоа време прифаќа да работи во прилепскиот клуб. Претходно преговорал и малку недостигало да појде во славниот Јувентус. Наместо Јувентус – Победа.
Човекот кој изгледал аристократски, возел автомобили уште пред Втората светска војна, се согласил да дојде во мал град во кого веројатно видел голем фудбалски потенцијал. Да не бара многу придонесло влијанието на Бела Илиќ.
Дека е скромен човек покажал со прифаќањето на првиот стан на Булеварот, спроти градската аптека. Токму поради ова, нашиот соговорник Александар – Цане бил во привилегирана положба во споредба со сограѓаните, со оглед на тоа што токму тој стан бил од тетка му Цена, татковата сестра, која живеела таму со двете деца.
-Имаше своја соба во тој стан. Кога одев во посета на тетка ми, а тоа беше по два-три пати неделно, погледот ми беше кон Моша. Страшно ме интересираше фудбалот, ,,зараза,, добиена од татко ми Борче, секретар во Победа. Многу ја засакав Победа која ја гледав од четиригодишна возраст, а сакав одблиску да го видам и тој прочуен фудбалер и тренер, Моша – вели Цане.
Моша тогаш имал 53 години. Како голема ѕвезда, во животот се искачи до највисоките врвови, во друштво со највидни луѓе во Југославија и Италија, се сместува во една соба.
Таа му била сосема доволна да се одмора и да крои стратегија за наредниот меч. Како се однесувал овој човек-легенда во Прилеп? Навистина изгледал аристократски, како богаташ, со интересна, брановидна природна коса.
Пред сé, бил многу духовно богат. Од една страна пријатен за разговор, а, од друга, голем авторитет. Дисциплина во сé.
Скромно се хранел. Наутро, освен млеко, не знаел друго. Претходникот Звекановиќ знаел обилно да се најаде, а Моша – не. Постапувал по белградски и западноевропски бон-тон. Не случајно успеал во Италија, во земјата на модата и фудбалот.
-Така воспитан човек не сум сретнал. Потекнувал од старо белградско семејство. Педантерија. Сако, кошула, пантолони – се бело. Господин. Тетка ми му пеглаше. И велеше: ,,Без пеглана кошула и пантолони, не излегувам,,.
Мува да се пресечи на работ. Беше многу внимателна и гледаше да му овозможи мир. Само ќе тропни на вратата, ќе го праша дали му треба нешто и толку. Изгледаше како собата да е празна, како да не живееше никој.
Толку беше тивко. Рано утрото веќе беше подготвен да го започне работниот ден кој траеше до вечерта – раскажува Илиоски.
Легендарниот тренер имал постојана дневна шема. Времето најмногу го минувал на стадионот со првиот и со младинскиот тим.
Кога не бил на терен или во станот, се движел само низ одредени централни места низ градот. Најмногу одел пред хотел ,,Југославија,, кај киоскот за весници.
Тука секој ден го разгледувал печатот. Сите весници ги читал се информира за сé. На други места луѓето не можеле да го забележат.
-Најмногу контактираше со татко ми Борче, секретар и со Гога Мрмески, претседателот на Победа. Има слика на татко ми со Моша во хотел ,,Београд,, на една маса. Не дојде дома, оти не одеше во домашни посети. Живееше строго, посветен на професијата – кажува Цане.
Во тоа време цел Прилеп е ,,затрескан,, во фудбалот. Не само на првенствените и куп-натпревари, ами и на пријателските се собираат илјадници гледачи. И тренинзите ги окупираат најзагреаните да ја гледаат работата на Моша, зад кого се три-четири децении искуство. Наметнува авторитет, не со сила, туку со знаење.
Фудбалерите со внимание и почит ги примаат советите, а и навивачите се одушевени. Меѓу нив редовно е и момчето Александар – Цане, кој подоцна заигрува за Кадетската и Младинската екипа, но поради скршеница на раката не стана првотимец на Победа. Но, ништо не го спречува да биде најприврзан навивач.
– Бевме тројца браќа. Сите страсни фудбалски вљубеници, како што не насочи татко ми. Публиката негуваше охромен интерес за фудбалот. Немаше место каде да се седи. На трибина седев на чевлите на татко ми да не фаќам место на некој возрасен. Првите подготовки на Моша ми останаа во сеќавање, тренингот кондициски со жонглирање на топки, а не како претходно Звекановиќ кој инсистираше на ,,суви,, тренинзи, со трчање до околината на градов. Беше милина да се гледаат тренинзите на технички и тактички план за прием на топка, додавање, позиционирање… – и денес восхитено говори Александар.
Речиси по цел ден работи Моша не само со сениорскиот, прв тим, ами и со младинците. Ги следи и знае кој колку напреднал и што му недостасува да биде уште подобар. Кога играат на два гола, се гледа кој отскокнува за првиот тим. Работи и колективно и индивидуално, со секого посебно.
Интересно е што и на натпревари и на тренинзи е истиот човек, како во приватните средби: многу добар, префинет карактер што секому остава силен впечаток. Многу тивко зборува, а само вредни работи кажува – сé на место.
-Нема викање и навредување. Сé што кажува – точно е. Интелигенција невидена. Штета што беше кусо времеа да го дотера тимот. Таа сезона не постигна опстанок. Но, изваде генерација на фудбалери кои подоцна го донесоа тимот до прагот од Првата југословенска лига – смета Александар.
Се случува фијаско. Победа во последните три пролетни кола освојува само бод и со кусок од само еден бод отпаѓа од Втората лига. Пресуден е дуелот дома со Нови Сад (0-0), кога по непризнат гол на Малинков, судиите се спасувале од линч преоблечени како полицајци доцна во ноќта. Тоа е тежок удар за Моша, човекот учен само на успеси.
-Се виде нервоза. Во разговор со татко ми, разбрав дека почнал да се треси Не можеше да се помири со неуспехот со Победа. Замисленото, не се остваруваше. Не замина за Белград таа сезона. Никоје од неговите не го посети. Остана да работи до крај тука – памети Илиоски.
Резултатскиот неуспех остава трага. Победа е последниот клуб во кој работел Моша. По разделбата со Победа, го измачуваат болести. Одвај преживеа мозочен удар. Со последиците живее до крајот на животот, до 1984 година.
-Онемел, сосема го загубил гласот во Белград. Тешко се разболе, оти многу го чувствуваше фудбалот. Ж ената му починала и живеел со ќерка му до крајот – ни рече Александар Цане Илиоски.
Прилеп до ден-денес го памети големиот фудбалер и тренер. Повозрасните раскажуваат за него. На прославата, на 75-годишнината на Победа, еден од учесниците говорот му го посвети нему, а на големиот монитор меѓу сликите се вртеше и сликата на Моша.
Секаде со насмевка
Се прикажуваат ТВ емисии за Моша. Во една, снимена пред смртта присутни се: новинар, Моша, неговата ќерка и негов некогашен соиграч. Новинарот прашуваше, ќерката и соиграчот одговараа, а Моша, кој не може да зборува, само одобрува со гестови и се насмевнува.
И во тоа време тој е многу популарен. Секое појавување надвор од домот привлекува многу луѓе кои сакаат да го видат и да се ракуваат со него.
Звезда победена
Со Моша Марјановиќ е постигнат тренер најзабележителен резултат на пријателскиот натпревар Победа – Црвена звезда Белград (3-1). Прилепскиот тим стигнува до големо изненадување пред 10 илјади гледачи, со головите на Каракашев, К. Атанасоски – Бикерес и Малинков. Дека се работи за чудо, доволно е да се знае: Победа тогаш била на 9 место во Втората лига, а Црвена звезда актуелен југословенски шампион.
Извор: “Неделник Зенит”