Лашкоска и Стевананџија бараат предреферендумски дуел со Смилеска и Локвенец на ТВ”Визија”

Пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Ане Лашкоска и Димитар Стевананџија, ги повикаа своите сограѓани и колеги од редовите на СДСМ, Кети Смилеска и Хари Локвенец, на предреферендумски дуел на регионалната телевизија “Канал Визија”.

Целта на овој повик е пред граѓаните да дебатираат за сите неразјаснети прашања околу престојниот референдум, контроверзните одлуки околу потпишувањето на договорите со Бугарија и Грција, но и за реализацијата на т.н. “тиранска платформа” и гласањето на Законот за употреба на јазиците, со кој Прилеп станува двојазичен град.

Двајцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, вчера преку социјалните мрежи го соопштија својот став околу гласањето на уставните измени, кои следуваат после референдумот на 30-ти септември.

Од друга страна нивните колеги од СДСМ, Локвенец и Смилеска, активно се вклучени во кампањата за поддршка на референдумот за промена на државното име.

Доколку овој дуел се реализира, прилепчани ќе имаат можност да ги слушнат ставовите на своите народни избраници и да разграничат, што им беше ветувано во предизборието, а што сега прават луѓето кои ги гласаа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.