Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров во интервјуто за специјализираниот ракометен портал „Balka-handball” меѓу другото се осврна на настапот на репрезентацијата на Мундијалот во Франција.
– Не сум таков тип кој е задоволен од мали нешта. Дури често знам да претерам и да не бидам реален. По еден месец од завршувањето на Мундијалот можам да кажам дека оставивме одличен впечаток и сега започнува нов олимписки циклус. Македонија започна подмладување потпомогната со искусни играчи. Нашиот селектор знае што работи и што сака. Тој има огромно искуство и во својата кариера има поминато многу вакви денови како со Македонија. Имаме глава и опашка и треба да бидеме мирни и трпеливи. Резултатите ќе дојдат, а не само тие туку и загарантирана иднина за следните 10 години, истакнува капитенот на Македонија.
Лазаров е член на Барселона, а од следната сезона ќе игра за Нант, откако пред неколку дена договори двегодишна соработка со францускиот клуб.
– На маса имав многу опции. Поминав многу непреспиени ноќи дури да ја донесам оваа одлука. Барса беше во игра до последен момент, но решија да го подмладат тимот, нешто како Германија што направи и го освои златото во Полска. Нант покажа дека има големи амбиции во иднина, тој тим е тим кој сигурно чекори кон врвот. Оваа сезона го совладаа ПСЖ со високи седум гола разлика, тоа не е така едноставно. Не можеш да го добиеш францускиот шампион ако не поседуваш висок квалитет, а ме радува тоа што клубот има амбиции и стратегија во иднина да биде уште посилен. Во преговорите беа многу коректни и концизни, што мене навистина многу ми се допадна. Имав и разговор со мојот поранешен соиграч Ентрериос, кој сега е помошник во Нант, како и со Шкоф, кој своевремено го носеше дресот на францускиот клуб. Од двајцата добив само пофални зборови за клубот и раководството, па се одлучив да ставам потпис на двегодишен договор, изјави Лазаров.
Тој во интервјуто зборуваше и за македонските клубови.
– Македонија е во моето срце. Вардар се одлучи за Кристопенс и Македа. Имаат свој концепт и не се одрекуваат од него. Металург започна нов пат, откако се случија проблемите пред неколку години. Нивните планови се фантастични и треба да се поддржат. Не е лесно да се работи со млади ракометари, секоја чест за Червар за неговото трпение. Се надевам дека во иднина повторно ќе ги видиме на старите победнички патеки, нагласува најдобриот македонски ракометар.