Кога требала да замине на пат, таа не заминала и до последен момент не ги откажувала картите, по што парите пропаднале. Потоа ваквите фактури ги однела во Министерството за култура со цел да го оправда трошењето како репрезентации и патни трошоци, обвини пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков
Пратеникот од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, и денеска на прес-конференција во партиското седиште продолжи со низата обвинувања за поранешната министерка за култура и сегашен пратеник од редовите на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, за наводно трошење државни пари и злоупотреби додека таа била на функција.
Лефков денеска објави дека на 5 февруари 2022 г. Костадиновска-Стојчевска со службена картичка купила три авионски билети за Дубаи во износ од околу 3 000 евра. Кога таа требало да замине на пат, не заминала, вели Лефков, и притоа не ги откажала картите по што пропаднале парите. Потоа, како што обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, таа ги однела фактурите во Министерството за култура за да го оправда трошењето како репрезентации и патни трошоци.
„Нејасно е ниту што точно требала Бисера Антоанета да прави во Дубаи и кои се последиците од непосетата? Или, пак, станува збор за желба за приватно шетање на државен трошок? 3 000 евра се пари со кои граѓаните живеат речиси цела година, а Антоанета ги трошела како да се 5 денари“,рече Лефков.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија поранешната министерка за култура дека во Лондон со државни пари купувала куфери, подароци и чорапи, како и дека со службената картичка во Виена за четири дена потрошила над три илјади евра.
Костадиновска-Стојчевска ги отфрли како лаги и манипулации обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Според поранешната министерка, вистината е дека дел од трошоците што биле презентирани се однесуваат на потреба да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службеното патување на кое авиокомпанијата ѝ го изгубила багажот.