Во прегратките на Бушева планина, мирно спие градот-музеј, градот-херој, највисокиот град на Балканот, градот со поглед кон Пелагонија, кон Солунска глава, градот гнездо на историјата, мултикултурата, занаетчиството, поезијата и музиката. Богато е Крушево, богато со Илинденското востание, богато со бочварите, чевларите, шнајдерите , власите, со Тоше Проески, Васил Иљоски, Никола Мартиноски.
Тие се само дел од ризницата на таленти, кои го цртаат ликот на градот, успешниот град кој во минатото повторно го дигнале од темели, повторно оживеала една стара приказна за нови навики и вистинска иднина без препреки, без болки. За тоа сведочи востанието, кое низ крв и борба, донело надеж за подобро утре, надеж за слобода, жед за пријателски прегратки, жед за само поубави денови.
Како низ бура го погледнувам сонцето кое повторно изгреало над небото, тоа ја отсликува природната убавина на градот, градот со бујната корија, низ чистиот воздух доживеана, во песна раскажана,на лист хартија оставена.
Ќе тргнеш по калдрмите на градот, калдрми поврзани со сокаци кои таинствено молчат за младоста,за сите погледи, бакнежи и насмевки. Тие калдрми прелиени со украсни каменчиња, чекорот го забавуваат и те оставаат да уживаш во несекојдневната слика која градот ја отсликува.
Кога ќе продолжиш да чекориш, ќе налеташ на крушевските одаи, влашките одаи, кои говорат за мултикултурата, за еден град- повеќе народи, за власите, кои гордо чекорат низ крушево, власите – нашите чорбаџии. Таму ќе сретнеш прегрнат влав со македонец, благо кафе и малку локум, локум од тој најубавиот, на Тагас Балкан. Ќе ги слушниш нивните чаршиски муабети, тие говорат за чевларот, кој заедно со шнајдерот среде чаршија со дуќанот долги години ги средува своите крушевчани. Да не го заборавам и бочварот кој за секој има по нешто, посебна изработка од чисто дрво, единствена од некогашното време.
Кога ќе продолжиш да одиш ќе мораш да застаниш покрај спомен куќата на големиот, најголемиот Тоше, тој кој докажа дека хуманоста и добрината можеш да ги имаш, можеш да ги покажеш каде и да отидеш. Неговите спомени, собрани во таа соба за тага, секогаш ќе го оживуваат споменот за него, секогаш ќе не потсетуваат на големината на човекот од малиот град, но најубавиот град во Македонија. Неговата музика ќе говори за неговите дела, тивко секој ќош ќе потсетува на момчето кое судбината го зеде далеку од нас, момчето кое физички го нема, но со душата и спомените засекогаш ќе биде тука.
Но, да не застанувам тука, кога ќе продолжиш да чекориш ќе отидеш на Гумење, таа ширина која води кон езерото, тоа мало езеро на кое блеснува сонцето, потоа кон музеите кои ја сликаат историјата и чуваат богатство од некогаш, од вековите на прадедовците, од деновите кога учителот Карев говорел за смрт или слобода без себичност, со храброст.
Од таму погледни со погледот кон манастирот, духовното на градот, заедно со црквите каде мирот е сигурен и најголем.
Од таму продолжи да одиш кон скитерените, за да ја доживееш зимската слика на градот, градот кој важи за зимска идила, градот кој нуди снег до колена, со скии разгазен и со топло чајче растопен. Се можеш да најдеш низ Крушево.
За да одмориш ќе мораш да седнеш во крушевските кафани, во одајата која со своето овчко сирење од поднебјето на Крушево, од арилевско, плени и повторно те повикува, повикува да се вратиш повторно и да посакаш се што е најдобро.
Од Крушево не можеш да заминеш без да отидеш на Мечкин Камен, без да застанеш на полетувалиштето кое црта поглед на цела Пелагонија, а можеби и подалеку. Таму ќе најдеш мир, без џагор, рај кој ќе посакаш секогаш да го имаш.
Тука не завршува приказната за градот кој има многу повеќе да даде, од кој има повеќе да се чуе, каде можеш повеќе да видиш. Градот со душа како планина, со мирис на бука, градот со чист воздух секогаш ќе биде таму и секогаш ќе чека на нас, ќе чека на повторно чекорени улици, на повторни средби кои некој некаде сигурно ќе ги раскажува низ силни насмевки.
Ирена Блажеска Дончева