Зголемени се платите за 5% за вработените во образованието, градинките, културата, одбраната, полицијата, јавниот сектор, а за 10% на лекарите специјалисти, истакна Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ.
Прес конференцијата на Костадинов во продолжение ја пренесуваме во целост:
Со зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари која важи за сите стопански гранки, 90.000 работници, наши сограѓани добиваат повисоки плати. Од месец април, со законското усогласување минималната плата е зголемена и сега изнесува 12.507 денари.
Она што е многу важно, започнат е процес за ново покачување на минималната плата на 13.000 денари и зголемување на социјалната помош од над 300%.
Со економските мерки и отворената спирала за раст на платите просечната плата во февруари оваа година изнесува 24.192 денари што е за 4.5 отсто повеќе во споредба со истиот месец во 2018 година.
Почитувани граѓани,
Зголемувањето на платите продолжува, очекувано е просечната плата до крајот на 2020 година да изнесува 500 евра или 30.000 денари.
Покрај платите растат и пензиите. Просечната пензија од 2017 година до денес пораснала за 826 денари. Растот на пензиите продолжува согласно законските усогласувања.
Зборот е збор, се повеќе пари завршуваат кај граѓаните.
Почитувани,
Економските реформи и напредокот на државата во евроинтеграциите ја стабилизираа економијата и отвораат можности за засилен економски раст и развој.