Пратеникот и портпарол на СДСМ Костадин Костадинов на на прес-конференција потсети на сите добрини што им ги приредил СДСМ на граѓаните во двата мандати. Костадинов го стори тоа напаѓајќи го ВМРО-ДПМНЕ.
– ВМРО-ДПМНЕ беше против укинување на радиодифузната такса и против воведувањето на дневна евтина тарифа на струјата.
ВМРО-ДПМНЕ се противеше на проектот Мој ДДВ а преку овој проект за две години вративме 36 милиони евра назад кај 400 000 граѓани.
Минималната плата е покачена од 9.000 денари, на 15. 200 денари, просечната плата за само 4 години ја зголемивме за 6 000 денари. Да потсетиме, првите соработници на Мицкоски се противеа на зголемувањето на минималната плата.
Покачени се платите во сите сектори, во здравство, во образование, полиција, во армијата, во социјалната и детска заштита.
Пензиите во просек се зголемени за 2.000 денари за четири години. ВМРО-ДПМНЕ како власт не ги исплаќаше законските усогласувања, а како опозиција се противеше на зголемувањето на пензиите. Социјалната помош е зголемена за 300%, а трајно е решен проблемот на 13.000 стечајни работници.
Во последниве година и половина, изгласавме шест пакети мерки кои Владата предводена од СДСМ ги креираше за спас на работните места, за враќање на парите кај граѓаните во вкупна вредност од 1,6 милијарди евра. 26,8 милиони евра завршија кај 309.000 граѓани кои добија платежни картички преку мерката „купувам домашно“;
Преку мерката финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, со 79,5 милиони евра поддржани се околу 120.000 вработени граѓани. Токму ова значи враќање на парите назад кај граѓаните, рече Костадинов.