На 14 јуни 2025/ сабота/ од 20.00 ч. во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ целовечерен концерт ќе одржи групата „Чалгија саунд систем“. Влезот за концертот е слободен.
Бендот Чалгија саунд систем постои од 2008 година со една цел: да истражува низ оставнината на македонската музика, да ги открие нејзините скриени тајни и звуци и да се вложи одржувајќи ја во добра форма македонската чалгија без да се изневери традицијата. Во таквото музицирање и растење, Чалгија саунд систем како да ја откри најважаната тајна која ја носи во себе чалгијата – а таа е одлепувањето од индивидуализмот и залепувањето за заедничкото убаво и добро.
Бендот првиот албум го објави во 2010 година со истоимен албум во кој беа без никакво двоумење отсвирени и отпеaни некои од најубавите македонски чалгиски песни.
Созревајќи, во 2019 год, бендот го издаде својот втор албум именувајќи го „Тихувај“ како провокација за авторски поглед на нова чалгија во која беа вметнати современи звуци.
Летото 2023 Чалгија саунд систем направи омаж на еден од последните охридски трубадури – Климе Садило изведувајќи ги неговите незаборавни виолински делници без никакви додавки или преаранжирања положувајќи го тестот на строгата охридска публика.
Чалгија саунд систем е бенд кој уште од почетокот наиде на одличен прием во Македонија остварувајќи со тоа огромен број концертни настапи насекаде.
Но Чалгија саунд систем ги пренесува звуците на чалгијата и низ светот одржувајќи концерти во Турција, Грција, Србија, како и на еден од најголемите фестивали на музика на светот во Рудлштад, Германија каде во 2022 година ја делеше сцената со најголемите ѕвезди на балканските и светските простори, што од жанрот ворлд музика, што од рокенрол фелата.