Колумна на Протоереј Љупче Петрески: “НАЈГЛУПАВИОТ ПРОДАВАЧ НА СВЕТОТ И РЕПУБЛИКА PEPSI”

Драги мои Mакедонци, браќа и сестри по идентитет, верувам ќе се согласите со мене, дека никому од нас, кои не сакаме да се промени името на нашата татковина Република Македонија, нема да ни биде битно кое ќе биде новото име. Барем мене нема да ми биде битно дали ќе биде Северна, Горна, Крушевска или Кока – Кола, штом не е Република Македонија. Така, за жал, се доближуваме со ставовите на оние „македонци“ кои сакаат да се промени името или, пак, со оние кои не сакаат промена ама гувеат како млади невести.

Иако Mакедонецот е западнат во некаква летаргија и пасивност какви не се видени досега кај ниту еден народ, сепак, не сакам да верувам дека се’ е завршено и дека сме веќе прекрстени. Верувам дека гневот кај народот тлее и дека во еден момент ќе се распламти и народот ќе ја одземе сопствената судбина од рацете на Заев.

Но, доколку не се случи тоа, сакам да им порачам нешто на нашиве џелати, односно на премиерот со скината „жица“. Поточно, сакам да ги „посоветувам“, и тоа бесплатно.

Е па, „драги“ мои, непрокопцани продавачи на националните интереси, мојата прва порака е, кога веќе сте решиле да не продавате без претходно да не прашате, како што рече еден мој драг пријател, подржувач на Заев: „а бре кој го прашува народот“, а не сакате да не прашате оти знаете дека не сакаме да бидеме продадени, тогаш барем продајте не саглам.

Штом тргувате со нешто што за сите останати држави и нации во светот е непроценливо и не е на продажба, освен за нас и Свазиленд во Африка, тогаш тргувајте како вистински трговци и остварете некоја корист од продажбата.

Вие сте единствените трговци во светот кои ја (про)даваат „Мара за рака“ без „пари на рака“. Штом сакате да направите „reset“ на државава, тогаш нека биде тоа вистински „reset“, и да почнеме од почеток. Немојте да се однесувате како да продавате килограм јаболка!

Овде се работи за нашата кожа и барем продајте ја скапо! Бидејќи, ако го продадете името, а со тоа го продавате и идентитетот и се’ останато, ќе бидеме нова држава, тогаш од оние европски и амерички лицемери истргувајте отпишување на сите долгови кои ги има Македонија, зашто Република Македонија нема повеќе да постои како таква. Бидејќи, defacto ќе бидеме нова држава, без историја, тогаш логички би било да бидеме и без долгови. И така навистина ќе имаме нов почеток.

Во таков случај, бруката по нас ќе биде помала и светот ќе има какво-такво разбирање за нас: „Малата сиромашна држава се продаде, ама барем за големи пари“! Народот би бил донекаде задоволен и веднаш ќе почувствува некакви благодети за разлика од благодетите кои ги ветувате а прашање е дали некогаш ќе ги почувствуваме, зашто Европската унија е во предсмртни болки но, и да не умре, европските лицемери нема да не примат во „семејството“ во наредните, најмалку, десетина-петнаесет години.

Меѓутоа, се сомневам дека сте способни да истргувате бришење на долговите или некаква друга финансиска бенефиција.

Затоа, бидејќи цело време зборувате за пари, инвестиции и фондови од Европа, кога ќе влеземе во ЕУ се разбира, еве јас ќе ви дадам и друга „креативна“ идеја за правење пари на сметка на нашето име и идентитет. И тоа големи пари! Лесно е, само треба да се биде „креативен“ и добро да се изменаџира.

Имено, од извори блиски до компанијата Pepsi, протече информација дека секторот за маркетинг оваа година имал предвидено огромен буџет и биле подготвени нешто да променат во досегашната маркетингшка матрица со реклами со спортисти и т.н.

На смеа, на шала, што би рекол нашиот народ, им беше дадена „креативна“ идеја која со огромно воодушевување ја прифатиле и биле подготвени да „фрлат“ огромни милиони за остварување на оваа идеја уште повеќе затоа што би биле пионери во светот на маркетингот со ваквиот начин на рекламирање на својот производ Pepsi.

Погодувате, нели? Нашата држава, се разбира на одредено време, зависи од „преговорите“ и парите, да се вика Република Pepsi! Не е смешно, се работи за стотици милиони. Замислете, што би било подобра реклама за еден производ од тоа една од државите во светот да го носи името на тој производ? Па, нели сме подготвени да го продадеме името, па зошто тогаш да не го продадеме скапо? Зарем е битно како ќе се викаме кога ќе се избрише Република Македонија?

Одиме понатаму! По завршувањето на договорот со Pepsi, можеме да им се „продадеме“ на Најк! Зарем еден Федерер е поголем од една држава?! Република Најк! Потоа на Адидас, на Гугл, на Самсунг и т. н. Светскиот пазар нуди фантастични можности за заработка.

Ми навираат безброј идеи. Ќе ја споменам автомобилската индустрија. Замислете – Република Хјундаи или Форд! Република Лада не доаѓа предвид оти тоа е руско возило и можеме да се замериме со американците или со ЕУ.

Згора на тоа, во секој договор би можело да има клаузула според која, секоја од компаниите чие име ќе го носи нашата држава, да биде условена преку производствени капацитети да инвестира во државата која, во случајов, ќе го носи нејзиното име.

Замислете, сите светски познати компании ќе имаат свои филијали во нашата држава, како и да се вика во тој момент. Знаете ли колку работни места се тоа? Па не само што ќе се вратат нашите од странство ами ќе треба и да увезуваме работна сила. Ќе ја прегазиме Германија на економски план.

Прогнозирам дека за десетина-петнаесет години ќе бидеме „Швајцарија на Балканите“. И што е важно, сите имиња ќе бидат бренд! Ќе бидеме препознатливи во светот. Што ќе ние некаво без врска име како Горна, Долна, Северна или не знам каква? А најважно од се’, со тоа ќе го исфрлиме иредентизмот и сите наши соседи ќе ги задоволиме. И не само тоа, туку и ќе ни завидуваат на нашиот просперитет. Смешно ви е? Па нели за пари се работи?

Сега доста ви е! Многу совети ви дадов за без пари. Ако сакате нешто повеќе околу овие идеи или некои други, најмалку што барам е да бидам советник на Премиерот!

Протоереј Љупче Петрески




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.