Кога Тито го посетил Прилеп: Еве кои правила важеле при неговата посета (ФОТО)

Кога не шетал по белосветските метрополи или некои запустени африкански земји, ширејќи ја идејата за неврзаноста, “најголемиот син на народите на Југославија”, Тито, ги посетувал сите домашни градови и паланки.

Маршалот Тито, доживотниот претседател на СФРЈ, каде и да присуствувал, доаѓал со свита, пречекан од високите членови од СКЈ. Домаќините се подготвувале за пречекот со месеци.

Во тоа спаѓало чистење на улиците до беспрекорност, апсење на непожелните елементи (пијаници, бездомници или тие што макар и малку биле против тогашната политика). Притворот траел додека заминел маршалот, а потоа сé се враќало по старо.

Се одело и дотаму што се забранувало сушење алишта на балконите. Имало и правила на однесување при врвењето на “ергелата” црни луксузни кабриолети.

Додека минувале возилата, граѓаните не смееле да фрлаат цвеќиња по автомобилите, туку 2-3 метри пред нив.

На фотографијава се гледа посетата на Јосип Броз со сопругата Јованка на Могилата на непобедените во 1967 година.

Одејќи секогаш напред, како сенка го следеле локалните власти Имало протокол кој да биде поблиску до Тито. Прв до него пред речиси половина век, бил претседателот на општинското собрание, а до него претседателот на Комитетот.

Функционерите се труделе да остават подобар впечаток кај Маршалот, оти ретко доаѓал.

Во ноќната посета, домаќините ја покажуваат Могилата на непобедените, а тој дотеран во беспрекорен црн костум ќе кажел по некој збор, што следбениците го паметеле до крајот на животот.

Извор: “Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.