Книжевен перформанс на поетот Власта Н. Цениќ од Србија во градската библиотека “Борка Талески” во Прилеп

В четврток, на 29 мај од 18.00 часот во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, ќе се одржи книжевен перформанс на поетот Власта Н. Цениќ од Србија. Со својот шармантен стил, вклучувајќи елементи на глума при рецитирањето на своите мајсторски напишани песни, ќе предизвика уживање и кај верните љубители на поезијата, но и кај оние кои се скептични кон поетскиот пишан збор.

– На настанот освен авторска поезија на Власта Н. Цениќ во негова изведба, ќе го слушнете и ученикот Ненад Ржаникоски од ООУ „Рампо Левката“ со поезија од Цениќ, на македонски јазик, а музички гости ќе бидат ученици од ООМУ „Ордан Михајлоски Оцка“ од класата на проф. м-р Мендо Ташкоски. Покрај тоа, ќе биде изрецитирана и песна која е препеана од дијалект на дијалект, односно од призренско- тимочки, на прилепски, во препев на Филип Димкоски, кој ја препеа книгата „Ѕвездена лектира“ на Власта Цениќ, објавена во 2022 година-велат од Здружението ЗОКУМ.

Поетотот Цениќ е чест гостин на различни македонски културни и книжевни манифестации и има голем придонес во градењето на македонско-српските културни врски. На настанот ќе ги изрецитира и неговите песни посветени на Вардар, на Блаже Конески, на Кочо Рацин и на Евгенија Шуплинова токму гога се навршуваат 95 години од нејзиното раѓање.

Власта Н. Цениќ е поет, професор по српски јазик и преведувач. Дипломирал југсловенска книжевност и српски јазик на универзитетите во Скопје и во Приштина.

Тој особено е познат по творештвото за деца, но неговиот стил на пишување ја дава универзалната вредност на поезиајта и затоа во неа уживаат сите читатели и слушатели без разлика на возраста Тој е и собирач на народни умотворби, а се залага за зачувување на неговиот призренско-тимочки дијалект.

Член е на Здружението на писатели на Србија, Книжевното друштво на просветните работници на Србија и на Здружението на писатели и книжевни преведувачи од Ниш. Тој е идеен творец на манифестацијата „Средби на просветните работници-книжевни творци за деца“ во Дољевац. Неколку негови песни се компонирани за детските музички фестивали.

На 30 мај, авторот ќе одржи средба со учениците од ООУ „Блаже Конески“ во Прилеп.
Настаните се во организиација на Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп, а поддржани од Општина Прилеп и од библиотеката „Борка Талески“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.