“Кларинетска одисеја” со уникатна музичка четворка со светско реноме – Утре на “БИТ ФЕСТ” во Битола (ФОТО)

Како нов начин на меѓуинституционална соработка, поддржана од Министерството за култура и туризам, во рамките на повикот за креативни индустрии, публиката во Битола, утревечер во рамките на БИТ ФЕСТ, ќе има можност да го проследи концертот насловен „Кларинетска одисеја“. Овој настан е резултат на многу труд и соработка помеѓу Општина Битола, КИЦ, Народен театар и Центар за култура, а во својот концепт ќе понуди незаборавна вечер со најуникатната музичка четворка со светско реноме, четворицата мајстори на кларинетот: Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски и Благој Ламњов.

„Ова е плод на едногодишно договарање, преговарање, со оглед на тоа дека сите четворица еминентни кларинетисти, имаат свои турнеи, свои аранжмани. Ова е концерт во кој ќе бидат презентирани значењето, можноста и иднината на вакви заеднички концерти во Општина Битола и се надеваме дека БИТ ФЕСТ догодина ќе го претвориме и во фестивал на амбасадори на културата на Македонија и Битола“, рече Благојче Божиновски, директор на ЈОУ КИЦ Битола, на денешната прес конференција.

Градоначалникот Коњановски, ја повика публиката на заедничко уживање во Хераклеја, утревечер од 21.00 часот, нагласувајќи дека, Битола е град кој има публика за вакви манифестации.

„Ова е најава на еден спектакуларен концерт на наши виртуози, наше, а светско, именувано како „Кларинетска одисеја“, настан кој во склоп на Битолското културно лето е продолжение на она што оваа летна сезона го видовме досега. Сеуште сме под импресии на огромниот интерес на концертот на еден друг тип на музика, електронска музика со Армин Ван Бурен на Стадионот „Петар Милошевски“, кој се одржа на огромно задоволство на публиката. Она што утревечер ќе го имаме, значи многу за Битола и битолчани, имајќи предвид дека со нас се битолчани и велешанец кои ќе ни презентираат дел од нашето национално богатство и заедно со онаа креативност која ја носат, навистина е гордост да се биде утревечер на Хераклеја“, рече Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола.

Главен координатор на содржинскиот концепт на настанот е Оливер Јосифовски, кој истакна:

„Нивните животи и достигнувања се многу интересни, како и нивните растежи во музиката. И тоа е навистина интересно кога човек ќе биде заедно со бендот. Присуството утревечер на Хераклеја и самите музички теми кои што ги обработувавме овие месеци и последниве седмици посебно, нас ни вродија една нова музичка материја, врзана со времето во кое живееме, но исто овие луѓе носат и една богата музичка традиција и се културни амбасадори, во земјите во кои што се наоѓаат, онаму каде што патуваат, но и кај нас. Заедно со хорот на Марина Коруновска, кој што ќе биде дел од настанот ќе имаме едно спектакуларно доживување за утрешниот концерт“, рече Јосифовски.

„Во Битола навистина имаме една културна револуција во моментот и сите сме вклучени на некаков начин, со што имаме и инспирација да работиме и да соработуваме со вакви уметници кои што ги покажуваат своите квалитети надвор од Македонија и ја претставуваат Македонија во најдобро и најубаво светло преку музиката и она што тие го етаблираат во светот за Македонија, имаме можност сега и ние како хор „Коруновска Арс Нова“ да бидеме дел од овој проект“, рече Марина Коруновска, која најави дека концертот ќе биде спој на вокалната и инструменталната музика, преку симбиоза на македонска прекрасна музика.

„Многу сум среќен, што во Битола и во Македонија, постојат луѓе кои што ја препознаваат моќта на уметноста. Ние уметниците сме како едно цвеќе, ние зависиме од народот, а народот зависи од нас. Сами не можеме да придонесуваме во општеството, колку што човек може да го направи тоа со заедништво. Македонија има публика која препознава кое цвеќе треба да се вади. Уметноста не е забава, таа е многу повеќе од тоа“, рече Благој Ламњов.

„Годинава доаѓаме тука со веселба, со среќа. Со овие мои колеги, после 20 години, повторно се вратив во детството. Со Исмаил и Благојче растевме заедно и вежбавме некаде во визбите на Музичкото училиште, но ентузијазмот и љубовта кон музиката беа толку големи што би рекол Бог, повторно не здружи заедно“, рече Горан Бојчевски.

„Ова нема да биде само обичен концерт. Ова ќе биде настан кој изобилува со многу емоција, затоа што сите ние кои ќе бидеме како солисти на сцената, имаме многу спомени низ годините наназад, иако доста време не сме се виделе. Сепак растејќи во Битола и преку нашето образование, ние имаме многу спомени, многу приказни за она што сме го доживувале заедно. Затоа овој концерт има една посебна емотивна нишка која што ќе не води низ целиот настан. Пробите поминуваа со солзи, а сигурно и утре ќе има по некоја солза, во чест на сите оние среќни моменти кои сме ги доживеале некогаш и ќе ги доживуваме утре“, рече Благојче Трајковски, нагласувајќи дека БИТ ФЕСТ е најголемото културно летно случување во нашата држава и тоа треба да се потенцира и да се означи како еден пример како треба да функционираат општините и сите градски центри во државата.

„Мислев дека немавме толкав капацитет сите овие врвни уметници од светот да дојдат и да се соберат во еден ден. Но, ова е голем и волшебен момент. Кларинетот има сила која што ги поврзува луѓето. Кога ги спојуваме силите, цел свет може да не препознае, затоа што ние имаме традиција за овој инструмент. Ќе биде навистина голем спектакл“, рече Исмаил Лумановски.

Репертоарот на концертот „Кларинетска одисеја“ ќе понуди разновиден музички мозаик составен од традиционални, класични и модерни теми, меѓу кои: „Ако одам во Битола“, „Lily – Waltz for Chicago“, темпераментното „Flamenco“, виртуозното „Стамболско“, емотивната „Schindler’s List“, спојот на „Калеш Анѓа“ и „Калајџиско“, потоа „Кољо“, динамичното „Касапско оро“, „Sheva“, делото на Вивалди, како и композициите „Зејтинлиско“, „Пелистерско“, „Етно Via Bairot“, „EZ Pass“, како и други композиции кои произлегуваат од македонскиот фолклор..

Покрај четворицата виртуози кои ја водат оваа музичка одисеја со своите кларинети и хорот „Коруновска Арс Нова”, на сцената ќе настапат и врвни музичари кои ќе ја збогатат звучната слика на концертот: Давор Јордановски на пијано и клавијатури, Оливер Јосифовски на бас, Алек Секуловски на тапани, Зоки конги, Ади Имери на акустични и електрични гитари, Ристо Крстевски на хармоника, Илија Мицев на труба и Александар Петров на тапан.

Особено емоционален момент ќе внесе и делот збогатен со поезија насловен „Елегии за кларинетот“, чиј автор е Зоран Пејковски, а ќе бидат изведени од актерката Јулијана Мирчевска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.